/ Прочитано:

2.107

Најниската цена, задоцнетото плаќање и обемната документација – проблеми за фирмите при јавните набавки

Центарот за граѓански комуникации денеска го објави Извештајот од следењето на јавните набавки спроведени од институциите на централно ниво за периодот јули – декември 2017 година и приказ на клучните состојби за цела 2017 година.

Клучни наоди од анкетирањето на 210 фирми за нивното искуство во јавните набавки, спроведено во периодот февруари – март 2018 година:

’Најниската цена‘ како единствен критериум за доделување договор за јавни набавки, задоцнетото плаќање и потребната обемна документација за учество на тендерите се главните проблеми во јавните набавки што ги посочуваат фирмите.

Испитаните фирми чекаат просечно по 6 месеци и 21 ден за да ги добијат парите за завршената работа. Пред 2 години просекот изнесуваше 8 месеци, а лани 6 месеци.

95% од фирмите сметаат дека на е-аукциите се постигнуваат нереално ниски цени и се занемарува квалитетот на набавките во однос на нивната цена.

Дури 88% од испитаните фирми сметаат дека има корупција во јавните набавки, но со различна оценка за нивото на нејзината присутност. Најголем дел од фирмите, односно 47%, сметаат дека во јавните набавки има корупција, но ретко; 5% велат секогаш, а 36% често. Само 12% од фирмите се изјасниле дека во јавните набавки никогаш нема корупција.

Доминантен дел од фирмите се изјасниле дека во тендерите на кои учествувале почесто или поретко сведочеле на непочитување на Законот за јавни набавки.

Дури 96% од испитаните фирми никогаш или ретко се жалат на тендерите во коишто учествуваат, главно поради високиот надоместок за трошоците во жалбената постапка и недовербата кон ДКЖЈН.

Фирмите го оценуваат со 2,85 на скала од 1 (негативно) до 5 (одлично) вкупниот процес на јавните набавки во Република Македонија. Споредено со минатото истражување, забележано е влошување на искажаното задоволство на фирмите што учествуваат на тендерите за 0,28 поени и оценката е повторно под 3.

Наоди од мониторингот на јавните набавки:

Рекордно ниско ниво на јавните набавки во 2017 година. Вредноста на договорите за јавни набавки склучени во 2017 година изнесуваат 624 милиони евра, наспроти 962 милиони евра во 2016 година.

Советот за јавни набавки престана со работа на крајот на ноември 2017 година. Не постојат податоци за ефектот од нивното работење во последните пет месеци од работењето (јули – ноември 2017 година). Специјално формираната комисија во Министерството за финансии не ги достави побараните податоци.

Уделот на поништувањето на постапките од 24% на годишно ниво во 2017 година е највисок во периодот од 2013 – 2017 година.

Уделот на тендери на коишто имало задоволително ниво на конкуренција (3 и повеќе учесници) во 2017 година е евидентиран кај само 48% од мониторираните тендери. Уделот на тендери со само една понуда е на најниско ниво во изминатите 4 години и изнесува 21%.

Во 2017 година се склучени 496 договори за јавна набавка без објавување оглас, во вкупна вредност од 29 милиони евра. Дури 12 милиони, односно 42% од вкупната вредност на овие договори, им припаѓаат само на две институции, Министерството за образование и наука и АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ).

Наоди од жалбената постапка пред Државната комисија за жалби по јавните набавки за периодот јануари – декември 2017 година:

Во 2017 година фирмите доставиле 507 жалби до Државната комисија за жалби по јавните набавки (ДКЖЈН), што претставува намалување во однос на минатата година за околу 9%.

Најголем дел од жалбите се доставуваат против донесените одлуки за избор на најповолна понуда (65%). Следната значајна основа за доставувањето жалби, со удел од 15%, се однесува на донесените одлуки на договорните органи за поништување на тендерите, додека, пак, 8% од жалбите се однесувале на тендерските документации.

М.В