Најскапиот трансфер во фудбалската историја и финансискиот фер-плеј на ФИФА
Вчера во канцелариите на ексшампионот на Франција, ПСЖ, беше потпишан најскапиот трансфер во досегашната фудбалска историја со прифаќањето на понудата на францускиот клуб за веќе поранешниот играч на Барселона, Нејмар, вредна 222 милиони евра.Бразилскиот репрезентативец стави потпис на 5-годишен договор според кој треба да заработува 45 милиони евра годишно (40,7 по оданочувањето).
Неколку дена пред да се официјализира, на трансферот му претходеа проблеми од правен аспект, односно од Шпанската фудбалска федерација не сакаа да направат трансакција на паричните средства поради потенцијално кршење на регулативата на ФИФА, односно на правилата на финансискиот фер-плеј, на што правниот тим на Нејмар преку својот агент поднесе жалба до комитетот кој е надлежен за одлучување која на крајот е прифатена.
Објаснувањето на претседателот на Шпанската фудбалска асоцијација „Ла Лига“, Хавиер Требас, зошто отпрво ја одбил трансакцијата на парите било поради евентуална повреда на правилата на финансискиот фер-плеј на ФИФА и на УЕФА, според кој средствата за плати на фудбалерите во еден клуб не смеат да надминат 70% од вкупниот приход во клубот.
Финансискиот фер-плеј во фудбалот е воведен пред 7 години за да ги спречи богатите клубови да трошат онолку колку што планираат за сметка на помалку финансиски моќните клубови и да се спречи поделба на „богати“ и „сиромашни“ клубови во светот, а основниот принцип на функционирање е израмнување на приходите и расходите на клубовите, со разлика во сумите во зависност од државата каде што тие се регистрирани.
Во глобала, секој клуб смее да потроши до 5 милиони евра повеќе од сумата на вкупните приход во последните три години, а доколку го наруши тоа правило, се наметнуваат санкции во насока на забрана на купување нови играчи за одреден период. Така, поради прекршувањето на фер-плејот, моментално Атлетико Мадрид е казнет со 6-месечна забрана за купување играчи во летниот период.
Примената на финансискиот фер-плеј е во корелација со правото на ЕУ, конкретно со перманентен дијалог со Европската комисија, односно со Комесаријатот за заштита на конкуренцијата во ЕУ.
С.М.