/ Прочитано:

2.352

НАЈСОВРЕМЕНА СУДНИЦА во Македонија и регионот – Штипската „Судница на 21-от век“ ќе ја користат и судии и студенти

Штип оваа недела ќе ја добие најсовремената судница во Македонија и регионот, а овој репрезентативен модел, македонското судство го прави лидер во делот на мултимедијалноста и специјалноста на инсталираните софтверски решенија, вели за Академик судијата и професор, Д-р Лазар Нанев, кој е професор на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ и воедно координатор на проектот. Судницата се наоѓа рамки на Правниот факултет во Штип и, како што велат од факултетот, таа е креирана за потребите кои ги бараат одредбите од новиот ЗКП, а ќе биде и модел по кој ќе се прават сите останати судници во Македонија. Предавања по процесните предмети, симулирани, но и вистински судења се само дел од активностите од оваа „Судница на 21-от век“, како што веќе ја нарекуваат на Правниот факултет.

Судница која ќе ги интегрира сите најсовремени ИТ- решенија 

„Тргнувајќи од новиот концепт на Законот за кривична постапка кој што е дизајниран на нови основи, во кој нормативните решенија нудат ефикасност  и ажурност на судскиот систем, а еден дел од решенијата бараат и примена на посебна современа технолошка опрема, која ќе одговори  на потребите на  ЗКП, се постави предизвикот како и во кој обем и форма во Република Македонија да се постават границите на една модел судница која ќе ги интегрира сите најсовремени ИТ- решенија за успешно и непречено водење на судската постапка, тргнувајќи од записникот за главна расправа, преку испитувањето на странките,  воспоставувањето на видео конференциски линкови, па се до објавувањето на судската одлука. Поради тоа, имајќи ги во предвид ваквите предизвици, а следејќи ги истовремено технолошките решенија со кои што располагаат напредените правни системи,  во текот на месец февруари 2014 година за почна да се развива , идејата за т.н. „Судница на 21 век“ во Република Македонија“, вели судијата Д-р Лазар Нанев, професор на Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ и координатор на проектот.

Како што објаснува професорот, кој е и раководител на проектот, дизајнирањето на судницата имало за цел да овозможи пријатност, елегантност и транспарентност, на сите субјекти кои што учествуваат во постапката, а притоа проследувајќи ја основната идеја за современи стандарди.

Современи стандарди како европските правосудни системи

„Поради тие причини од страна на архитект е направено посебно интериерно решение за уредување на судницата, задоволувајќи ги притоа сите современи стандарди на поставеност и лоцирање на субјектите во судницата,  и тоа како Судскиот совет, одбраната, бранителот и обвинетиот, сведоците, толкувачите, јавноста, локацијата за заштитниот сведок, и лицата жртви од насилство и на крајот посебната локација за присутните медиуми. Од аспект на технолошките перформанси се прифати т.н. технички систем за аудио видео снимања СРС Фемида,  кој што претставува технолошки напреден систем кој се применува во најразвиените правосудни системи во Европа, а се состои од хардверски софтверски компоненти“, вели професорот Нанев.

Технолошки перформанси на судницата

Инаку, како што детално образложува професорот, овој систем поединечно опфаќа софтвер за аудио визуелно снимање, работни станици со монитори, аудио и видео миксери, аудио засилувачи со звучници, зиден монитор, микрофони, камери, слушалки, уреди за непрекинато напојување, со целосна опрема за телекомуникациска опрема, додека системот за заштитен сведок, кој што претставува подсистем, на овој систем е составен од софтвер за модификација на гласот и сликата,  софтвер за видео конференција, од преносни комјутери, кај Судскиот совет, односно судијата Претседател на советот, во просторијата на заштитниот сведок, од уред за модификација на гласот, уред за модификација на сликата, микрофони, камера, звучници. Исто така, како дел  од технолошките перформаски судницата располага со ѕиден монитор за најава на судењата ЛЦД прожектор систем за Конференциска врска, со 6 дополнителни компјутери за потребите на бранителот, обвинетиот, за јавниот обвинител, за стручните советници, како и со мултифункционален колор принтер-фотокопир.

Што обезбедува СРС Фемида системот?

„СРС Фемида системот обезбедува објективна регистрација на судските рочишта/постапки, преку аудио и видео снимање на судските процеси,  со  8 аудио канали и видео камери, инсталирани во самата судница, овозможува висок степен на транспарентност, обезбедува креирање во реално време на записници од настанати со индикации за учесниците и настанатите на судските рочишта, по хронолошки редослед, овозможува едноставно и автоматско креирање на електронски и печатени записници, потпишани со дигитален потпис, овозможува креирање на податоци за случајот,  (број на судењето, учесници, сериски број на ЦД/ДВД на  кој се снима процесот, имиња на настани и забелешки), аудио и видео записник и записник од процесот. Исто така, целиот оперативен систем исклучува можност за неавторизиран пристап до податоците, снимени на тврдиот диск, со користење на предефинирани шаблони за различни судски постапки, со тоа што снимените судски рочишта на ЦД/ДВД може да бидат репродуцирани на било кој компјутер, без инсталација на дополнителен софтвер“, вели Нанев, кој потенцира дека исклучителноста на системот  е во можноста за далечинско поврзување на судницата со заштитениот сведок, како и за ON-line, емитување на аудио видео сигнал од судскиот процес на интернет и можност за интеграција со судски, сase management system  и размена на податоци.

Комплетен систем дизајниран за заштита на сведок или жртва

„Од аспект на подсистемот за заштитен сведок кој што претставува комплетен систем дизајниран за заштита на сведок или жртва, со обезбедување негова непрепознатливост додека го дава исказот во кривичната постапка дава можност  да се користи како за заштита на сведоците, за жртвите и за другите учесници во кривичната постапка, потоа овозможува аудио визуелна врска со заштитниот сведок кој може да биде во судот, но и надвор од него во тајна соба, а заштитата се постигнува со примена на софистицирани алгоритми за модификација на гласот и изобличување на сликата на тој начина да не може да се реставрира ниту гласот, ниту сликата, овозможува исклучување на можност да се емитува оригиналниот глас кога тоа се прави случајно или намерно, и обезбедува виртуално присуство  на заштитниот сведок“, објаснува професорот Лазар Нанев.

„Македонското судство го прави лидер во делот на мултимедијалноста и специјалноста на инсталираните софтверски решенија“

Професорот во таа насока подвлекува дека ваквото решение на судницата, македонското судство го прави регионален лидер во делот на мултимедијалноста и специјалноста на инсталираните софтверски решенија.

„Информатичките решенија со кои што сега веќе располага судницата, овозможуваат на регионално ниво, односно на Апелационото подрачје Штип, судовите да имаат можност, за целосна и непречена имплементација на сите одредби од Законот за кривична постапка, посебно во делот кој што се однесуваат на посебните права на ранливите категории, жртви и во делот на примена на видео и тонски записи на исказот на испитувањето, на детето, за да се користи како доказ во постапката, како и при обезбедувањето на посебните права  на жртвите на кривичните против половата слобода и половиот морал, човечноста и меѓународното право, каде што жртвите имаат право да бидат испитувани со помош на визуелно тонски средства на начин определени со Закон. На судовите им се дава можност, од репродуцирање на снимка од испитување на обвинетиот пред јавен обвинител, имплементација на одредбата од чл.230 од ЗКП, за испитување со помош на технички уреди, за пренос на слика и тон на загрозениот сведок, за прв пат целосно имплементирање на чл.374 од ЗКП, кој се однесува за начинот и водењето на записникот на главната расправа, каде што е наведено дека текот на главната расправа се снима тонски, или визуелно тонски и кои стандарди во целост ги исполнува самата судница, како и целосно обезбедување за имплементација на одредбите од законот за правда на децата, кои што се однесуваат на заштита на деца жртви на кривични дела и сведоци во кривична постапка, преку изрекување на посебни мерки за процес на заштита, со што во целост се гарантираат и се остваруваат правата на најранливите категории- жртви, утврдени како со домашното законодавство, така и со меѓународните стандарди и правила и ратификуваните конвенции“, вели Нанев.

Најсовремените технолошки решенија – сериозен предизвик за имплементацијата на ЗКП

Според професорот, најсовремените технолошки решенија во судницата,  се сериозен предизвик за имплементацијата на Законот за кривична постапка, со кој што на  македонското судство, посебно на судовите од Апелационото подрачје Штип, ќе му овозможи висок степен  на ажурност, ефикасност, рационалност, и транспарантност, како и висок степен во остварувањето на правата на сите субјекти кои што учествуваат во постапката, ќе овозможи преку воспоставување на видео конференциски линкови, непречено  сослушување на сведоците, и кога тие се наоѓаат во друга земја, што значи подигнување на степенот на обезбедување на доказите, за еден кривично правен настан.

„На овој начин македонското судство, го прави да биде лидер во делот на мултимедијалноста и специјалноста на инсталираните софтверски решенија, со што се подигнува нивото на гаранција во обезбедувањето и заштитата на човековите слободи и права. Со ова судница Република Македонија покажува дека технолошките решенија не се исцрпени, туку тие претставуваат предизвик и за останатите Апелациони подрачја кои што  со една ваква судница треба да ги задоволат потребите на сите судови поединечно од Апелационите подрачја. Исто така, погледнато од регионалните аспекти на правосудството, преку предметите и случаите на кои што работи македонското судство, ќе се овозможи воспоставување на непречени конференциски врски, заради испитување на учесниците во самата постапка“, подвлекува судијата и професор по правни науки, д-р Лазар Нанев.

Ваквите технолошки решенија на судницата несомнено дека и даваат и огромен бенефит за едукацијата на студентите по право, посебно во контекст на иновативното и современо образование и, како што укажува професорот Нанев, тоа е голема гордост за нив како наставно-научен кадар.

Студентите ќе ги добијат највисоките стручни и професионални знаења 

„Судницата има мултифункционална димензија и е наменета за реализација на предавањата и практичните вежби на студентите на Правниот факултет во Штип преку симулации на судења, за обука на судии и јавни обвинители од страна на Академијата за судии и јавни обвинители на РМ, како и за одржување на реални судења на Основниот и Апелациониот суд во Штип, односно на судовите од Апелационото подрачје Штип. Правниот факултет влезе во предизвикот на овозможување на високи стандарди за своите студенти, кои што во текот на своето студирање ќе ги добијат највисоките стручни и професионални знаења и ќе се подготват од првиот ден за работа, користејќи ги сите техники и методи, кој ги осознал во текот на своето студирање. Се разбира дека во своето портфолио како иновативно правно образование, Правниот факултет е горд, огромен е предизвикот да се прифати лидерството, но уште поголем да се одржи високиот степен на стручноста и професионалноста, на сите кои што помогнаа да се воспостави и да се постигне оваа цел“, посочува Нанев.

Во иднина, вели тој, сите кадри кои што ќе излезат од правниот факултет Штип,  ќе бидат подготвени  за користење на најсовремените ИТ- решенија во институциите во кои што ќе бидат вработени, што е и една од клучните цели и предизвици на проектот, додавајќи дека ентузијазмот и идејата за Судницата на 21 век било овозможени од повеќе поддржувачи и покровители на иновативната идеја.

„Би сакал да напоменам дека уредувањето и опремувањето на Модел судницата, беше овозможено од УСАИД-Агенцијата на САД за меѓународен развој, бирото за меѓународна борба против наркотици, и спроведување на законите при Стејт департментот на САД и мисијата на ОБСЕ во Скопје“, истакнува професорот Нанев, кој резимира дека со ова македонското судство и правно образование добиваат многу, што и лично за него како човек од практиката, но и теоријата дополнително го мотивира за внесување на нови содржини во едукативно-правната и судската сфера.


Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk

1.12.2014