/ Прочитано:

1.515

Најважните фактори за одолговлекување на управните и судските постапки според адвокатите

Постојат повеќе фактори за одолговлекување на управните и судските постапки, но најважни се: неуредната достава; големиот временски период меѓу рочиштата; големиот обем на предмети во определени судови; тенденцијата второстепените судови да ги укинуваат пресудите и да ги враќаат предметите на повторно одлучување пред првостепениот суд;  нецелосно утврдената фактичка состојба од првостепениот суд и пречекорувањето на роковите за донесување пресуди од второстепените судови.

Ова се посочува во Анализата на спроведувањето на итните реформски приоритети во македонското правосудство во рамки на проектот „Заедничка акција за итни реформи во судството“.

Со адвокатите, се вели во Анализата, беа спроведени интервјуа во кои акцентот беше ставен на тоа што сметаат дека е проблем, за да имаат потоа можност, во анкетниот прашалник, да одговорат на прашања за нивното искуство во однос на должината на судските и управните постапки и постапките за управни спорови, како и за факторите што влијаат врз одолговлекувањето на постапките.

Дел од адвокатите, се додава во Анализата, го потенцираа проблемот со управните постапки и со постапките за управни спорови, особено кај предметите за денационализација и експропријација. Како причина во овие постапки беше наведено немериторното одлучување од Управниот суд по повеќе пати за ист предмет и враќањето на предметот на повторно одлучување.

Во прашалникот, за причините што доведуваат до одолговлекување на судските постапки, а каде што имаа опција за повеќе одговори, 71% од адвокатите сметаат дека немериторното одлучување и враќањето на предметите на повторно одлучување пред повисоките судови имаат најголемо влијание врз одолговлекувањето на постапките и со тоа таквите предмети влегуваат во категоријата стари предмети.

43,5% од адвокатите сметаат дека влијанието и притисокот врз судиите имаат улога, а 38,7% сметаат дека причина е злоупотребата на процесните дејствија од учесниците во постапката кои доведуваат до одолговлекување на постапките.

Во однос на промената на судиите во текот на постапката и видот и обемот на предметот, 33,9% од адвокатите сметаат дека овие фактори доведуваат до одолговлекување на постапките. Како дополнителни одговори што самите адвокати ги наведоa се непотизмот и немањето последици за неработењето.

Искуството на адвокатите во однос на тоа која фаза од судските постапки доведува до одолговлекување на постапките и е временски најдолга

„Од добиените податоци, може да се заклучи дека 45,1% од адвокатите сметаат дека временски најдолги се второстепените постапки (апелациските судови) и со тоа доведуваат до одолговлекување на постапките, додека 38,7% од адвокатите сметаат дека првостепените постапки (основните судови) се временски најдолги постапки. Само 16,1% сметаат дека третостепената постапка (Врховен суд на РМ) е временски најдолга постапка“, се истакнува во Анализата.

М.В