Намалени глоби во Законот за заштита на културното наследство поради усогласување со Законот за прекршоците
Во собраниска процедура се измените на Законот за заштита на културното наследство, чиј предлагач е Владата. Целта на предложениот закон е усогласување со Законот за инспекцискиот надзор и со Законот за прекршоците.
Со Законот за заштита на културното наследство се утврдуваат видовите, категориите, идентификацијата, начините на ставање под заштита и другите инструменти на заштита на културното наследство, режимот на заштита и користењето на културното наследство, правата и должностите на имателите и ограничувањата на правото на сопственост на културното наследство во јавен интерес, организацијата, координацијата и надзорот, стручните звања и други прашања што се од значење за единството и функционирањето на системот за заштита на културното наследство во Република Македонија.
Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на културното наследство, се вели во законското образложение, се врши усогласување со Законот на прекршоците, од аспект на утврдување на распон на износ на висината на глобите кои се изрекуваат на физички, правни лица и одговорни лица во правните лица за прекршоците утврдени со овој закон.
На пример, во постојното законско решение, во членот 172 се пропишува дека глоба во износ од 4.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правното лице што врши археолошки истражувања без дозвола на Управата.
Со новото предложено законско решение бројот „4.000“ се заменува со зборовите „1.000 до 3.000“ (евра).
„Донесувањето на новиот Закон за прекршоците нужно ја наметна потребата од усогласување на Законот за заштита на културното наследство.
Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на културното наследство се врши усогласување со Законот за прекршоците од аспект на утврдување на точен распон на износот на висината на глобите кои се изрекуваат на физички, правни лица и одговорни лица во правните лица за прекршоците утврдени со овој закон.
Со Предлог-законот се врши намалување на висината на глобите преку утврдување на точен распон на висината на прекршочните глоби, а изрекувањето на опомена на правните и физичките лица, пред да биде изречена глоба, се воведува како правило, доколку сторителот го сторил прекршокот за прв пат и не предизвикал штетни последици за трето лице, ниту пак бил загрозен јавниот интерес. Опомената се изрекува и за прекршок сторен под особено олеснувачки околности, ако прекршокот се состои од неисполнување на пропишаната обврска или со прекршокот е нанесена штета, а сторителот пред донесувањето на одлуката за прекршок ја исполнил пропишаната обврска, односно ја отстранил или ја надоместил нанесената штета“, се вели во законското образложение.
М.В