/ Прочитано:

786

Намалениот буџет за судскиот систем нотиран и во извештајот на Европската комисија

Има намален буџет и намален број на судии

Буџетот на судскиот систем кој се однесува на буџетот за судови, на јавните обвинителства и на правната помош е намален за 8,3 проценти во однос на 2019 година и во однос на 2020 година. Тогаш изнесувал 40 милиони евра или 19,5 евра по глава на жител и тоа е под просекот за регионот на Западен Балкан кој изнесува 37,8 евра по глава на жител, се нотира во извештајот на Европската комисија во делот за квалитетот на судството.

Во Извештајот исто така, се посочува дека на крајот на 2020 година имало 493 судии (23 на 100 илјади жители), од кои 61 процент жени и 187 јавни обвинители (девет на 100 илјади жители). Од посочената бројка 55 проценти биле жени. Споредено со 2019 година, се вели во извештајот, има намалување на бројот на судии и има намалување на бројот на јавни обвинители во 2020 година. Останува од суштинско значење, се нагласува во извештајот,  да се обезбеди соодветна проценка на потребите за персонал. Во документот се потенцира и дека дигитализацијата на судството во најголем дел зависи од странски донации.

Да продолжи спроведувањето на Стратегијата за реформи на правосудството

Во извештајот, во делот на клучните заклучоци, се нотира дека Северна Македонија има одредено и умерено ниво на подготовка во поглед на европските стандарди од оваа област. Генерално земено, постои некаков напредок, особено од аспект на судската независност.

Имплементацијата на Стратегијата за реформа на правосудството продолжува, вклучувајќи го тука и Законот за јавното обвинителство. Потребни се напори, се вели понатаму во извештајот, за спроведување на акциониот план за Стратегијата за реформи во судството.

Во извештајот на Европската комисија се нагласува и важноста од продолжување со имплементација на легислативната рамка која се однесува на реформата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, како и важноста на новиот Закон за Академијата за судии и обвинители кој треба да обезбеди фер и транспарентен пристап до судската и обвинителската професија.

Понатаму, во извештајот се истакнува дека e потребно унапредување на АКМИС-системот за да се обезбеди негова целосна функционалност. Генерално, во извештајот се нагласува потребата од континуитет во спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор. Во тој контекст, во извештајот се посочува и на усогласување на парничната постапка со европските стандарди.

Во извештајот се потенцира дека корупцијата е распространета во многу области и дека тоа е прашање што создава загриженост. Исто така, во извештајот се потенцира дека државата продолжува да ги спроведува своите обврски во поглед на заштита на човековите права и слободи и во таа смисла во документот се нагласува носењето на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Потребно е, се вели во извештајот, зајакнување и на капацитетите на Канцеларијата на народниот правобранител и зголемување на буџетот на оваа институција.

Државата во следната година, особено треба да работи на:

засилување на доследната имплементација на стратегијата за судски реформи и ревидираниот акциски план, со специфичен фокус на носење на нов закон за парнична постапка, согласно европските стандарди;

имплементација на стратегиите за човечки ресурси за судската и јавно обвинителската мрежа, користејќи ги како индикатор за проекции за следните вработувања;

подобрување на системот за автоматска распределба на судски случаи – АКМИС така што ќе се гарантира дека е целосно функционален и доверлив.

Да продолжи спроведувањето на Стратегијата за реформи на правосудството, се нотира во извештајот на Европската комисија М.В