/ Прочитано:

1.530

Намалување на бројот на предмети пред Државната комисија за жалби по јавни набавки

Државната комисија за жалби по јавни набавки во Собранието на Република Македонија го достави Годишниот извештај за нејзината работа. Во текот на 2017 година, се вели во Годишниот извештај, до Државната комисија за жалби по јавни набавки пристигнати се и оформени се вкупно 561 предмет со ист број на жалби, од кои 17 предмети се пренесени од 2016 година (од причина што овие предмети не биле комплетирани со документација бидејќи жалбите во овие предмети се пристигнати кон крајот на декември 2016, при што рокот за доставување на документацијата од страна на договорниот орган, кој изнесува 5 дена од денот на приемот на жалбата, истекувал на почетокот на наредната 2017 година), а останатите 544 предмети се новопристигнати во 2017 година.

Од вкупно 561 предмет за работа во 2017 година, решени се 548 предмети со ист број на жалби, додека нерешени предмети поради некомплетна документација и пренесени во 2018 година се 13 предмети со вкупно 13 жалби. Со споредба на податоците за бројот на примени и оформени предмети во 2014 година и оние во 2015 година и во 2016 година, се утврдува намалување на бројот на предмети пред Државната комисија за жалби по јавни набавки.

„Особено влијание за ваквото намалување на бројот на предмети во споредба со целокупниот број на предмети во 2015 година и 2016 година има тоа што беше намален бројот на жалбите кои се однесуваат на содржината на тендерската документација поради обврската за барање/добивање согласност од Советот за јавните набавки, но и спроведените обуки/работилници на Државната комисија со договорните органи и со економските оператори“, се посочува во Годишниот извештај.

Во 2017 година, се додава во Извештајот, предмет на правна заштита пред Државната комисија во жалбена постапка, од вкупно 548 решени предмети, 334 постапки за јавни набавки биле спроведени со отворена постапка, 109 со барање за прибирање на понуди со објавување на оглас над 5.000 евра, 69 со барање за прибирање на понуди со објавување на оглас до 5.000 евра, 10 со преговарање без претходно објавување на оглас и 23 се спроведени во согласност со членот 17 од Законот за јавните набавки. Од вкупно решените 548 предмети, во 2017 година, 4 предмети се однесуваат на доделување на концесии и 1 предмет за воспоставување на договор за јавно приватно партнерство.

Во Годишниот извештај на Комисијата се нагласува и дека академската заедница (правните факултети, научни установи и др.) не е во доволна мера вклучена при подготовката и донесувањето на прописите и развојот на правниот систем на јавни набавки.

Јавните набавки како правна област се изучуваат и на додипломски и на постдипломски студии, но сепак за оваа област недостига правна анализа, истражување, статистички податоци и теоретски научни публикации.

„Правната пракса Државната комисија за жалби по јавни набавки ја развива на начин што на својата веб-страница секојдневно ги објавува поднесените жалби, како и донесените одлуки. Исто така на веб-страницата www.dkzjn.mk се објавени обрасци што можат да ги искористат договорните органи и економските оператори, кои би им помогнале при поднесување на писмена до Државната комисија, а исто така објавено е и известување за начинот на кој странките во постапките можат да добијат печат за извршност на решенијата на Државната комисија во делот на трошоците на постапката“, истакнуваат од Комисијата.

Од Комисијата заклучуваат дека заради непречено и поефикасно работење, потребно е јакнење на материјално-кадровските услови, поголем буџет за Државната комисија, соодветни деловно-административни простории и нови вработувања.

„Со измените и дополнувањата на Законот за јавните набавки изминатите години во голема мера се подобри законската регулатива што се однесува на јавните набавки, но потребно е да се донесе нов Закон за јавни набавки каде што би биле инкорпорирани сите потребни измени и дополнувања, а кои се однесуваат на постапките за јавните набавки“, заклучуваат од Државната комисија за жалби по јавни набавки.

М.В