/ Прочитано:

637

Намалување на бројот на случаи во кои се применуваат посебните истражни мерки

Забележително е дека има намалување на бројот на случаи во кои се применуваат посебните истражни мерки во текот на 2021 година во однос на 2020 година, и тоа и во бројот на случаи и во бројот на опфатени лица, а бројот на предмети кои биле опфатени со мерките е скоро идентичен, се нотира во Извештајот на Јавното обвинителство на РСМ за примената на посебните истражни мерки.

Со примена на посебните истражни мерки кои се определуваат само тогаш кога е веројатно дека со другите доказни средства нема да биде возможно и доволно ефикасно обезбедување податоци и докази неопходни за успешно водење на кривичната постапка, зголемена е ефикасноста на органите на кривичниот прогон во борбата против организираниот криминал и корупција.

Примената на ваквите мерки, посочуваат од Јавното обвинителство, е прецизно регулирана во Законот за кривичната постапка, како и во другите закони (Закон за следење на комуникациите) и е предвидена само во строго определени случаи, кога е веројатно дека ќе се обезбедат податоци и докази неопходни за успешно водење на кривичната постапка, а кои на друг начин не можат да се соберат.

„По однос на случаите опфатени по вид на посебни истражни мерки постои тренд на намалување на бројот на случаи кај сите видови мерки, па и кај опфатот на лица спрема кои се применети, освен мерката Тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен, со која драстично е зголемен бројот на опфатени лица и предмети.

Оваа мерка е применета во вкупно 40 случаи против 183 лица со утврден идентитет и против 126 предмети врз кои се применувала мерката. Во 6 случаи примената на мерката траела до 1 месец , во 3 случаи до 2 месеци, во 4 случаи до 3 месеци, во 23 случаи до 4 месеци, во 6 случаи до 6 месеци и во 3 случаи до 8 месеци“, се образложува во Извештајот.

„Како и минатите години, забележително е дека посебните истражни мерки во најголем број на случаи се применувале за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и перкурзори од чл. 215 од КЗ, додека за другите кривични дела определени се во помалку случаи“, се додава во Извештајот на Обвинителството.

Според податоците за примена на посебни истражни мерки на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје во извештајниот период, водени се постапки во 28 случаи, од кои во 5 случаи се по иницијатива на јавното обвинителство, а во 23 случаи иницијативата потекнала од Министерството за внатрешни работи.

Примената на посебните истражни мерки за јавното обвинителство не предизвикува финансиски импликации, со оглед дека мерките ги спроведува Министерството за внатрешни работи, тоа не доставува извештај за трошоци за примена на овие мерки. Неопходно е да се истакне дека во однос на 2020 година, примената на посебните истражни мерки во 2021 година била поефикасна, времетраењето на нивната примена е намалено и поголем број случаи завршиле со понатамошни постапки, отворање на истрага и подигнување на обвинение.

„Мерките се применувани само во ситуации во кои не може со другите доказни средства да се прибават докази. Детерминираноста на примената на посебните истражни мерки во борбата против организираниот криминал и корупција, произлегува од потребата за сузбивање на дејствијата во една претходна постапка и обезбедување квалитетни докази за кривичен прогон. Во спротивно борбата против овој тежок криминал би била неефикасна. Потребата од овој вид на мерки за обезбедување на докази, се потврдува и со фактот што значителен број истраги во кои биле користени завршиле со покренување обвинение и осудителни пресуди“, посочуваат од Јавното обвинителство на РСМ.