/ Прочитано:

1.937

Намалувањето на сумите за провизија ќе наметне конкуренција меѓу банките и ќе биде од интерес за потрошувачите, велат даночните советници

„Секој платежен сервис, односно секоја платежна услуга која банката ја овозможува генерира реални трошоци за банката. Овие трошоци се разликуваат во зависност од медиумот, начинот на кој се реализираат, како на пример, преку шалтер, преку електронски канали, преку АТМ-и, готовински или безготовински“ , велат во НЛБ банка. Доколку плаќањето на сметките клиентот ги реализира на некој од начините кои ги нуди банката (како траен налог, електронско/мобилно банкарство, АТМ, електронска трговија на веб-страниците на компаниите), плаќањето на режиските трошоци е без провизија.

Различни се основите врз кои домашните банки им пресметуваат провизии и надоместоци на клиентите. Давачките се задолжителни за водење трансакциска сметка, плаќање сметки за струја, парно, вода, опомена за минусно салдо, налог од извршител или за извршување на решение за присилна наплата. Во последните неколку години, висината на овие суми континуирано се зголемуваа и сега тие се движат од 30 до 100 денари. Овие износи според граѓаните се превисоки, а како поткрепа на ова тврдење, наведуваат случаи кога, на пример, за четири сметки само за провизија морале да издвојат 240 денари.

Според Павле Гацов, претседател на Здружението за даночни советници, ова прашање не е уредено со закон. Оттука, висината на износите за провизии и надоместоци е оставена на интерните политики на банките и на нивните тарифници.

„Неопходно е да се направи дорегулација во Законот за заштита на потрошувачите, а законското решение секако треба да го  предложи Владата“, вели Гацев. Според него, намалувањето на сумите за провизија ќе наметне конкуренција меѓу банките, што секако ќе биде од интерес за потрошувачите.

Досега,  до Организацијата за заштита на потрошувачите се пристигнати голем број жалби од граѓаните поради високите цени на провизиите, но и поради фактот дека сумите се различни во сите банки.

„Не можеме да им помогнеме на потрошувачите, бидејќи станува збор за подрачје кое не е регулирано со закон и поради тоа сме немоќни“, вели претседателката на Организацијата за заштита на потрошувачите, Маријана Лончар.

Според неа, најпогодени се повозрасните граѓани, односно пензионерите кои плаќањата ги вршат на шалтери, со готовина, а не преку електронско  банкарство, поради што се обврзани покрај износот за сметката да издвојат средства и за провизијата.

„Немаат сите компјутер, ниту пак се обучени да го користат, но не треба да се занемари ни фактот дека има и граѓани кои не сакаат да го користат електронското банкарство“, вели Лончар. Како најдобра опција посочува дека ова прашање треба да се регулира со закон за потрошувачи или преку други закони. „Целта би била да се ограничи висината на провизијата, односно да се постави рамка во која таа би се движела“, вели Лончар. Таа предлага да се формира работна група составена од претставници на Организацијата за заштита на потрошувачите, универзитетски професори, претставници на Министерството за финансии, од банките и секако од Народна банка која врз банките врши супервизија. Според неа, ова прашање треба да се актуализира и преку новиот Совет за потрошувачи при Министерството за економија.

Според банките, реалните трошоци што ги имаат за услугите се критериумите врз кои ги формираат износите на банкарските провизии и надоместоци. За да се намалат трошоците на клиентите, тие советуваат што помалку да се користи готовина и плаќањата да се вршат преку електронско банкарство наместо на шалтери.

„Секој платежен сервис, односно секоја платежна услуга која банката ја овозможува генерира реални трошоци за банката. Овие трошоци се разликуваат во зависност од медиумот, начинот на кој се реализираат, како на пример, преку шалтер, преку електронски канали, преку АТМ-и, готовински или безготовински“ , велат во НЛБ банка.

Оттука, и нивната одлука да се направи разлика  во тарифирањето на услугите кои се однесуваат на плаќање режиски трошоци. Разликата се однесува најмногу на избраниот начин на плаќање на сметките.

„Притоа, за плаќањето со готовина преку шалтерите на банката како најскап сервис кој генерира најмногу трошоци се определува провизија во висина од 30 денари,  доколку станува збор за клиент со сметка во НЛБ банка, или пак 60 денари доколку станува збор за  клиент кој нема сметка во банката. Доколку плаќањето на овие сметки клиентот го реализира на кој било од другите начини кои ги нуди банката (како траен налог, електронско/мобилно банкарство, АТМ, електронска трговија на веб-страниците на компаниите), плаќањето на режиските трошоци е без провизија“, велат во НЛБ банка.

Објаснувањето на Комерцијална банка е дека редовно ги следат пазарните движења на економијата во земјата и во согласност со ресурсите кои ги користат при развој и одржување на производите  и услугите кои се нудат, вршат формирање на износите на провизиите и надоместоците во банкарското работење. „При одредување на овие износи, главна компонента се трошоците од аспект на трошоци (човечки, материјални и технички), трошоци за пресметковно-платежни активности, а дополнително се земаат предвид и промотивните активности кои ги презема банката, како и потребата од пренасочување на клиентите во користењето на современите канали за спроведување на финансиски активности“, велат во Комерцијална банка.

Според анализите, уделот од провизии и надоместоци вообичаено се движи околу една третина од вкупните приходи и добивки на банките. Податоците од Народна банка покажуваат дека во првото полугодие од 2017 година, банките оствариле приход од 49 милиони евра од провизии.

А. Б.