/ Прочитано:

2.358

Наместо во СЈО, предметот за Зоран Божиновски предаден во Советот на јавни обвинители

Како што информираат од Обвинителството за организиран криминал и корупција, Советот на јавни обвинители го побарал овој предмет, кој минатата недела беше побаран од страна на СЈО поради утврдување на надлежноста врз предметот.

Катица Јанева и Ленче Ристоска во Совет на јавни обвинители

Предметот за новинарот Зоран Божиновски, кој го оформи Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, наместо во Специјалното јавно обвинителство е предаден во Советот на јавни обвинители.

Како што информираат од Обвинителството за организиран криминал и корупција, Советот на јавни обвинители го побарал овој предмет, кој минатата недела беше побаран од страна на СЈО поради утврдување на надлежноста врз предметот.

„По враќањето на предметот, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција​ соодветно ќе постапи“, велат од Обвинителството.

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски, кусо одговори дека е на годишен одмор и дека на сите прашања ќе одговори од понеделник.

СЈО го побара предметот со цел да утврди дали има надлежност над него бидејќи Божиновски првично беше опфатен во предметот „Шпион“ за кој Специјалното јавно обвинителство веќе има воспоставено надлежност.

Со ова, се повторува праксата на праќање на предметите што ги бара СЈО од другите обвинителства до Советот на јавни обвинители, наместо до СЈО. Пред неколку месеци Советот не ѝ ги даде на Катица Јанева предметите за „Маѓар телеком“, предметот за пиштолот на поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, предметот за детска порнографија против синот на Верушевски, предметот „Шпион“ и предметот „Поткуп“.

Во образложението на одлуката стоеше дека за преземање на предметите од страна на Специјалното јавно обвинителство не е доволно јавниот обвинител кој раководи со тоа обвинителство само декларативно да се произнесе дека е надлежен, туку треба да го стори веројатен фактот дека предметите, како што е наведено, произлегуваат и се поврзани со незаконито следење на комуникации.

Според членот 11 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, СЈО може да преземе контрола врз предметите кои спаѓаат во неговата стварна надлежност во која било фаза од постапката.

„По писмено барање од СЈО, јавните обвинителства се обврзани, во рок од 8 дена, да предадат кој било предмет по кој постапуваат за да се одлучи дали предметот спаѓа во надлежноста на специјалниот јавен обвинител, согласно  неговите/нејзините овластувања определени со овој закон“, се наведува во Законот.

Сепак, СЈО, со решение на Апелациониот суд, воспостави надлежност над предметот „Шпион“, за кој на 1 септември треба да се одржи јавна седница на која специјалните јавни обвинители треба да се произнесат во однос на жалбите на одбраната на првостепената пресуда.

Судењето за Зоран Божиновски, пак, кој е обвинет за три кривични дела: злосторничко здружување од чл. 394 ст. 2, шпионажа од чл. 316 ст. 3 в.в. со чл. 45 и уцена од чл. 259 ст. 2 в.в. ст. 1 в.в. со чл. 19 од Кривичниот законик, почнува на 1 септември.

М. С.