Нападот врз адвокат наскоро ново кривично дело во српскиот Кривичен законик
Министерката за правда во Владата на Република Србија, Нела Кубуровиќ, изјави дека наскоро ќе биде формулиран конкретен законски предлог за воведување на ново кривично дело „напад врз адвокат“.
Покрај измените во Кривичниот законик, Кубуровиќ вели дека Министерството за правда ќе ги преиспита и другите законски решенија со кои се уредува положбата на адвокатите, а со цел да се унапреди постојната положба.
„Ќе сториме сè за да ја унапредиме положбата на адвокатите. За измените на Кривичниот законик ќе има и јавна расправа, чија цел ќе биде да се дискутира за законските измени и да се пронајде што е можно подобро решение за законската дефиниција на кривичното дело“, истакнува српската министерка за правда, која оваа година ја основа работната група за подобрување на положбата на адвокатите.
Покрај министерката за правда, во работната група членуваат претставници на адвокатурата, на обвинителството, на Министерството за внатрешни работи и на Врховниот касационен суд.
Формирањето на работната група следува по убиството на адвокатот Драгослав Огњановиќ. По убиството на Огњановиќ, Управниот одбор на Адвокатската комора на Србија донесе одлука за еднонеделен прекин на работата на српските адвокати во знак на протест за убиството на нивниот колега.
М.В