/ Прочитано:

458

Народна банка: Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците: јули 2022 година

Соопштение за печат

Во јули 2022 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити е зголемена за 0,06 п.п. на месечна основа и изнесува 4,33%, во услови на забележан годишен пад од 0,17 п.п. Просечната каматна стапка на вкупните депозити трет месец по ред се задржа на истото ниво и изнесува 0,67%, додека на годишна основа е намалена за 0,16 п.п.

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити изнесува 4,01% во јули и оствари месечен и годишен раст од 0,02 п.п. и 0,39 п.п., соодветно. Просечната каматна стапка на новопримените депозити е намалена за 0,13 п.п. на месечно ниво и изнесува 0,84%, додека на годишно ниво оствари раст за 0,33 п.п.

1. Каматни стапки на корпоративниот сектор

‒ Во јули, просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор изнесува 3,53% и на месечна основа е зголемена за 0,09 п.п. Нагорната промена е резултат на растот на сите компоненти: каматните стапки на кредитите во денари со валутна клаузула и кредитите во странска валута (за 0,13 п.п., соодветно), како и каматните стапки на кредитите во денари без валутна клаузула (за 0,07 п.п.). На годишна основа, каматната стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор е намалена за 0,08 п.п.

‒ Овој месец, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор е намалена за 0,11 п.п. во споредба со претходниот месец и изнесува 3,57%. Месечниот пад во целост произлегува од пониските каматни стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,98 п.п.), додека каматните стапки на кредитите во странска валута и денарските кредити без валутна клаузула се зголемија (за 0,33 п.п. и 0,02 п.п., соодветно). Анализирано на годишно ниво, оваа каматна стапка е зголемена за 0,53 п.п.

– Просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор бележи намалување за 0,03 п.п. во јули и изнесува 0,94%. Притоа, надолната промена во целост се должи на падот на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,05 п.п.), додека каматните стапки на денарските депозити без и со валутна клаузула се непроменети. Споредено со јули претходната година, каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор е намалена за 0,17 п.п.

‒ Во јули, каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор изнесува 0,65% и забележа месечен пад од 0,88 п.п. Месечниот пад се објаснува со пониските каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула и каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,80 п.п. и 0,72 п.п., соодветно), во услови кога банките и штедилниците не примиле денарски депозити со валутна клаузула. На годишно ниво, оваа каматна стапка е зголемена за 0,23 п.п.

2. Каматни стапки на домаќинствата

‒ Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата изнесува 5,08% во јули и е зголемена за 0,04 п.п. во споредба со претходниот месец. Месечната промена се должи на растот на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,07 п.п.), како и на минималниот раст на каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула и кредитите во странска валута (за 0,01 п.п., соодветно). Споредено на годишна основа, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата е намалена за 0,22 п.п.

‒ Во јули, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата, бележи месечен раст од 0,08 п.п. и изнесува 4,59%. Анализирано според валутната структура, промената е резултат на растот на каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,15 п.п. и 0,07 п.п., соодветно), при забележан пад на каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,11 п.п.). Каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата бележи минимален раст од 0,01 п.п., споредено на годишна основа.

‒ Овој месец, каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата изнесува 0,65% и се задржа на истото ниво од претходниот месец, додека на годишна основа бележи пад од 0,14 п.п.

‒ Во јули, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата е зголемена за 0,22 п.п. и изнесува 0,92%. Месечниот раст се должи на повисоките каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула и каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,35 п.п. и 0,04 п.п., соодветно). Овој месец не се евидентирани новопримени денарски депозити со валутна клаузула. Анализирано на годишна основа, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата бележи зголемување од 0,35 п.п.

 

Целото соопштение можете да го најдете тука.