/ Прочитано:

1.025

Народната банка: Активности за поголема финансиска писменост по повод Глобалната недела на парите

Започнува традиционалната Глобална недела на парите, којашто повеќе години наназад со бројни активности од сферата на финансиската едукација се одбележува и во земјава, информираат од Народната банка.

„Како и претходните години, и во претстојните денови, Народната банка ќе оствари голем број активности за јакнење на свеста за потребата од поголема финансиска писменост, а истовремено ќе ги промовира и предностите од поголема финансиска вклученост. Впрочем, како своевидна најава на активностите, од вчера Народната банка започна да го објавува серијалот текстови ‘Економија за секого’, преку кои, на едноставен јазик, за пошироката јавност ќе се објаснат одредени поими или појави од областа на макроекономијата, финансиите и банкарството. Со овој серијал, Народната банка се вбројува во редот на централнобанкарските институции со слични вакви активности, како дел од нивните напори за поголема едукација на населението.

Народната банка започна и едукативен караван ‒ поканети се и обезбеден е превоз за учениците од неколку училишта, главно од рурални делови на земјава, во текот на Глобалната недела на парите да ги посетат централната банка и другите регулаторни институции на финансискиот систем. При посетата на Народната банка, учениците ќе имаат можност да проследат едукативни презентации, да добијат едукативни материјали коишто ќе им овозможат финансиско едуцирање соодветно на нивната возраст, како и да го посетат Музејот на Народната банка. Народната банка ќе ја посетат и деца од една детска градинка, првпат во контекст на финансиската едукација, во обид и на најмладите генерации да им се доближи значењето на парите.

Посебен настан во рамките на Глобалната недела на парите ќе биде националниот натпревар во рамките на Европскиот квиз на парите, којшто за првпат ќе се одржи во нашава земја. Оваа активност е на иницијатива на Македонската банкарска асоцијација, а во извршувањето, покрај Народната банка, се вклучени и Комисијата за хартии од вредност и Министерството за образование и наука. На натпреварувањето, на 27 март, ќе бидат избрани националните победници, кои ќе ја претставуваат земјава на финалето што ќе се одржи во Брисел, во организација на Европската банкарска федерација.

Народната банка постојано остварува активности за збогатување на финансиските знаења на младите, како своевиден придонес за градење на капацитетот на генерациите кои во иднина ќе бидат главни носители на економските и финансиските текови во нашето општество. Во текот на Глобалната недела на парите, бројни активности за финансиско едуцирање на младите и воопшто на популацијата ќе вршат и другите регулаторни институции на финансискиот систем на земјава“, се вели во соопштението на Народната банка.

М.В