Народната банка е добитник на наградата на „Комерцбанк“ за 2019 година
Народната банка е добитник на наградата на една од водечките меѓународни деловни банки во Европа, „Комерцбанк“, за 2019 година, за одличен квалитет при обработката на комерцијалните плаќања и финансиските трансфери.
Главни критериуми при изборот на добитниците на оваа традиционална годишна награда на „Комерцбанк“ се бројот на обработени трансакции и квалитетот на форматот и структурата на свифт-пораките, во согласност со стандардите на СВИФТ. Оттука, таа претставува и признание за висока усогласеност со меѓународните стандарди на СВИФТ за автоматизирана електронска обработка на прекуграничните комерцијални плаќања и финансиските трансфери без потреба од мануелна интервенција, што придонесува за висока ефикасност при обработката на плаќањата. Оваа награда ја одразува и цврстата определба на Народната банка за постојано вложување во ресурси за унапредување на интерните системи со цел да биде во чекор со најновиот технолошки развој во финансиската и особено во платежната сфера, преку веќе воспоставените решенија за електронско банкарство за плаќањата на државата и државните органи.
Во конкуренција за наградата секоја година се голем број институции и компании со коишто „Комерцбанк“ соработува на меѓународно ниво, а се доделува исклучиво на оние коишто имаат достигнато многу високо ниво на квалитет во областа на плаќањата.
Соработката меѓу Народната банка и „Комерцбанк“ од Германија е во доменот на извршувањето на платниот промет со странство за државата и државните органи, како и во процесот на порамнување трансакции поврзани со управувањето со девизните резерви, каде што „Комерцбанк“ е кореспондентна банка на Народната банка за прекуграничните плаќања.
„Народната банка и натаму ќе биде посветена на унапредување на квалитетот во сферата на плаќањата и финансиските трансфери, а веќе активно се работи и на нова стратегија за развој на платниот систем, којашто ќе ги дефинира стратешките насоки на дејствување во следните пет години, насочена пред сè кон спроведување на новата законска рамка со која се усогласуваме со регулативната рамка на ЕУ во платежната сфера. Ова ќе даде поттик за зголемување на иновациите, конкуренцијата и дигитализацијата на плаќањата“, соопштуваат од Народната банка.