/ Прочитано:

1.854

Народната банка: Го штитиме интересот на граѓаните и ги преземавме сите мерки за заштита на депонентите на Еуростандард банка

„Народната банка е институција со уставно и законски гарантирана самостојност и независност, којашто при остварување на своите законски утврдени цели и задачи се води исклучиво од законите, притоа штитејќи го интересот на граѓаните.

Токму ваквата независност и професионалноста во остварувањето на целите и задачите на Народната банка е она што со години наназад ги гарантира одржувањето на стабилноста на денарот, банкарскиот систем, односно финансиската и севкупната макроекономска стабилност.

Оттаму, повикуваме сите субјекти да ги почитуваат самостојноста и независноста на Народната банка и нејзините одлуки да не ги ставаат во политички контексти“, велат од Народната банка.

„По отворените прашања и изнесените невистини во изминатите денови Народната банка ја известува јавноста дека сите мерки коишто ги има преземено кон „Еуростандард банка“ АД Скопје се за заштита на депонентите на Банката, при што, меѓу другото:

„Со ограничувањето на кредитирањето се заштитија депозитите на депонентите. Ако не се стореше тоа, Банката, депозитите на граѓаните и компаниите ќе можеше да ги пласира во кредити, а без да има доволен капитал. Народната банка мораше и на овој начин да ги заштити граѓаните и компаниите – депоненти на „Еуростандард банка“ АД Скопје и го стори тоа.

Сопствениците имаат законска обврска да обезбедат капитал за покривање на загубите на банката.

Со вложениот капитал од сопствениците во 2019 година, Банката ги достигна минималните законски барања кои од денешна перспектива значат обезбедени дополнителни 11 милиони евра капитал во билансот на Банката.

Сопствениците не го обезбедија потребниот капитал за првата половина од оваа година, ниту изнесоа издржано и реално решение за пренесување на сопственоста на инвеститор којшто би извршил докапитализација на Банката во обем и со динамика кои би овозможиле нејзина одржливост, со оглед на состојбата во која Банката се наоѓаше.

Стручните служби и раководството на Народната банка, свесни за сериозноста на состојбата во Банката, но и за поширокиот контекст на пандемијата на ковид-19, вложија максимални напори, во законски рамки, да се изнајде поповолно решение. Во интензивната комуникацијата со сопствениците, Народната банка постојано јасно укажуваше на сериозноста на состојбата во којашто се наоѓаше Банката и  инсистираше на итна докапитализација, потенцирајќи дека ако не се случи докапитализација, Народната банка ќе нема друг избор освен преземање на најстрогата мерка – укинување на дозволата за основање и работење на Банката.

Народната банка е независна институција и при вршење на своите законски утврдени цели и задачи која во своето работење се води исклучиво од законите кои подеднакво важат за сите.

Сите мерки коишто ги презеде Народната банка беа во насока да не се дозволи „Еуростандард банка“ АД Скопје одново да презема ризици, а без соодветен капитал за нивно покривање,  коишто би биле на штета на депонентите и доверителите.

Граѓаните треба да бидат спокојни – банкарскиот систем е и останува стабилен и сигурен. Стабилни и сигурни се сите други банки, како и штедилниците“, посочуваат од Народната банка.

„Со цел правилно информирање на јавноста во однос на датумот на укинувањето на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје, повторно укажуваме дека дозволата е укината со Решението бр. 15-20139/1 од 12 август 2020 година.

Решението бр.15-14082/1 од 1 јуни 2020 година, коешто се споделува на социјалните мрежи со штембил на „Еуростандард банка“ АД Скопје, не е документ со којшто се укинува дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје. Со ова решение, на Банката, согласно со Законот за банките ѝ беше повлечена согласноста за извршување само на одреден вид финансиски активности – тргување со хартии од вредност во странство, финансиски деривати и сл., за коишто не ги исполнуваше посебните законски услови за да ги извршува. За истото беше информиран и регулаторот на пазарот на капитал“, посочија од Народната банка.

Во врска со случувањата со Еуростандард банка, мнозинскиот акционер во банката, Трифун Костовски, рече дека правдата  ќе ја бараат пред арбитража.  Ќе одиме пред сè во арбитража, рече Костовски, каде што доколку го добиеме спорот што ќе го отвориме понатаму, средствата ќе бидат наменети за нашите коминтенти.

Костовски вината за банката ја лоцираше во изборот и работењето на Управниот одбор на банката. Тој рече дека Народната банка на народната банка „и се брзало“ за затворање на „Еуростандард“ и не сакала да и помогне. Тој додаде дека како банка  една година биле комплетно блокирани да работат со правни и приватни лица.

„Во врска со невистините  изнесени од страна на сопствениците на „Еуростандард банка“ АД Скопје, во Народната банка ќе ги употреби расположливите правни средства за заштита на нејзиниот интегритет“, соопштија од Народната банка. Правна битка најави и Костовски.

За случајот, некои  пак, од поранешните гувернери на Народната банка истакнаа дека Народната Банка донела исправна одлука и дека за случајот биле преземени сите мерки за стабилизирање на банката.

Фондот за осигурување на депозити до депонентите во „Еуростандард банка“ АД Скопје

„Фондот за осигурување на депозити согласно Решението на гувернерот на Народна банка на Република Северна Македонија бр. 15 -20139/1 од 12 август 2020 година за укинување на дозволата за основање и работа на „Еуростандард банка” АД Скопје ги известува сите физички лица – депоненти на „Еуростандард банка“ АД Скопје дека обесштетувањето по основ на вкупни депозити кои ги имаат во Банката ќе започне во рок од 20 дена и ќе се изврши во согласност со законските прописи.

Фондот ги обесштетува осигурените депозити, но не повеќе од денарска противвредност од 30.000 евра по депозит во банка пресметани по средниот курс на Народната банка на 12 август, 2020 година.

Предмет на обесштетување се главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до 12 август 2020 година.Во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити на депонентот коишто се предмет на обесштетување се намалува за износот на неговите вкупни обврски кон банката.

Под вкупни депозити на еден депонент се подразбира: денарски и девизни депозити и трансакциски сметки на физички лица во банката, депозити врзани за паричните картички издадени од банката, девизни приливи на физички лица и сертификати за депозити издадени од банката.

Фондот ќе ги извести депонентите-физички лица за ДАТУМОТ НА ПОЧЕТОК НА ИСПЛАТАТА на обесштетувањето и за НАЗИВОТ НА БАНКАТА/БАНКИТЕ преку која/кои ќе се врши исплатата на депозитите.

За дополнителни информации, граѓаните коишто ги користеле услугите на „Еуростандард Банка” АД Скопје, може да се обратат секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот на:

е-адресата: info@fodsk.org.mk или на телефонските броеви: 02/ 3235-730 и 02/3235-735“, соопштија од Фондот.

М.В