Народната банка со нови податоци за кредитната активност на претпријатијата и домаќинствата

Народната банка ги објави резултатите  од анкетата за кредитната активност на претпријатијата и домаќинствата за вториот квартал од 2019 година.

Кредити на претпријатијата

Во врска со кредитната политика на претпријатијата од НБРМ посочуваат дека има натамошно нето-олеснување на вкупните кредитни услови, слично како и во претходната анкета. Во врска со кредитната побарувачка од НБРМ додаваат дека, исто така, има натамошно нето-зголемување на побарувачката на корпоративни кредити, што е поизразено во однос на претходната анкета.

„Во вториот квартал на 2019 година, банките укажуваат на зголемување на вкупната побарувачка на корпоративни кредити, што е поизразено кај големите претпријатија во однос на малите и средните претпријатија, во споредба со претходната анкета. Сепак, побарувачката на кредити кај корпоративниот сектор во второто тримесечје, според одговорите на банките, е многу послаба во споредба со нивните очекувања од претходната анкета. За наредните три месеци, банките и натаму очекуваат раст на вкупната побарувачка, но поумерен во споредба со претходната анкета“, посочуваат од Народната банка.

Од Народната банка очекуваат во третиот квартал на 2019 година натамошно олеснување на кредитните услови и раст на побарувачката на корпоративните кредити, но послабо во споредба со очекувањата од претходната анкета.

Кредити на домаќинствата

За кредитната политика на домаќинствата од Народната банка велат дека има  нето-олеснување на вкупните кредитни услови, што е поизразено во однос на претходната анкета, а исто така има и нето-зголемување на кредитната побарувачка на вкупните кредити на домаќинствата, наспроти нето-намалувањето во претходната анкета.

„Во вториот квартал на 2019 година, одговорите на банките укажуваат на нето-зголемување на побарувачката на кредити кај секторот домаќинства, за разлика од нето-намалувањето во претходната анкета. Сепак, најголемиот процент од банките укажуваат на непроменета побарувачка на кредити од страна на домаќинствата. Притоа, нето-зголемување на побарувачката се забележува кај сите типови кредити за домаќинствата, посебно кај потрошувачките кредити. Нето-зголемувањето на побарувачката на кредити кај секторот домаќинства во вториот квартал е послабо во споредба со очекувањата на банките дадени во претходната анкета. За третиот квартал од 2019 година, банките очекуваат нето-зголемување на побарувачката на кредитите за домаќинства, што е поумерено во споредба со претходната анкета“, се вели во извештајот на Народната банка.

Очекувањата за третиот квартал на 2019 година се натамошно олеснување на кредитните услови и зголемување на побарувачката на кредити, но послабо во споредба со очекувањата од претходната анкета.