/ Прочитано:

764

Народниот правобранител бара лицата со попреченост и давателите на услуги за нив да имаат приоритет за вакцинација

Народниот правобранител препорачува Владата да изврши измена на постојниот Национален план за вакцинација против Ковид-19 и во приоритетни групи да се опфатат лицата со попреченост, давателите на услуги за поддршка на овие лица, без разлика дали тоа се членови на нивното семејство или се ангажирани лица задолжени за давање грижа, нега, третман, рехабилитација, образование и како и лица кои им пружаат услуги на лична асистенција. Истовремено бараат вакцинацините да бидат дистрибуирани правично, и даваат препораки како да се олесни процесот на вакцинација на овие лица.

Разгледувајќи го Националниот план од Канцеларијата на народниот правобранител утврдиле дека лицата со попреченост, како и лицата кои се грижат за нив не се наведени како приоритетни групи за вакцина, иако неспорно се соочуваат со зголемен ризик од заразување со Ковид-19 поради самата здравствена состојба и нарушеното здравје кое е карактеристично за многу лица со попреченост, но и поради секојдневниот контакт со давателите на услуги за поддршка, без разлика дали тоа се членови на нивното семејство или се ангажирани лица задолжени за давање грижа, нега, третман, рехабилитација, образование.

Народниот правобранител е свесен за ограничената достапност на вакцините сходно која се изврши приоритизација и субприоритизација на ризични групи за вакцинација во погоре споменатиот План за вакцинација, но во услови кога епидемиолошката состојба во државата укажува на широка распространетост на вирусот во заедницата, несомнена е потребата за опфат на погоре наведените лица во Планот за приоритетна вакцинација, затоа што и лицата со попреченост  во време на пандемија од Ковид-19 се исто така меѓу најранливата популација на граѓани во ризик.

Покрај наведеното за многу лица со попреченост невозможно е одржувањето на физичка дистанца бидејќи им е потребна директна помош и поддршка во секојдневните активности од страна на други лица, за кои е неопходно потребен непосреден физички контакт, што неспорно укажува на потребата и за нивно вклучување во приоритетните групи за вакцинација.

Народниот правобранител, исто така укажува дека одредени лица со попреченост се поизложени на ризик од зараза затоа што немаат пристап до навремени и разбирливи информации во достапни формати за тоа како да се заштитат од вирусот, додека за некои лица со интелектуална или лица со психосоцијална попреченост, покрај одржувањето на физичка дистанца не е изводлива и постојаната употребата на маски или покривање на лицето, како и придржувањето до останатите мерки за одржување хигиена. Ова е особено случај за лицата со попреченост кои живеат во резиденцијални установи каде што ризикот за ширење на инфекција е многу голема.

Исто така, се вели во соопштението, кога се заразени од вирусот, лицата со попреченост имаат поголема веројатност да развијат потешки симптоми кои можат да предизвикаат смртен исход.  Во случај на зараза со Ковид-19, оние лица со попреченост кои имаат претходни респираторни здравствени проблеми, се изложени на поголем ризик за развој на потешка клиничка слика која може да заврши фатално.

– Во овој контекст, Народниот правобранител изразува сериозна загриженост за можноста лицата со попреченост да бидат де-приоритизирани, во споредба со другите лица, доколку имаат потреба од хоспитализација и третман, особено со кислородна или респираторна поддршка, во случај на достигнување на критична фаза или во случај на исполнетост на болничките капацитети за лекување. Народниот правобранител укажува да се има предвид дека одредени лица со попречност се соочуваат со немање пристап до навремена медицинска помош поради недостаток на соодветни информации за симптомите и примарните чекори во случај на изложеност на инфекција, непристапни здравствени услуги, недостаток на потребни финансиски средства за лекување и следење на протоколите за заштита или недостаток на соодветна лична помош и поддршка, велат од оваа институција.

Според Народниот правобранител, од причина што побарувачката за вакцини за Ковид-19 е непропорционална со понудата, особено во почетокот на масовната имунизација, доколку не се даде посебен приоритет на лицата со попреченост и на сите погоре наведени групи, може да се случи тие да бидат меѓу последните кои ќе бидат вакцинирани. Покрај ова, за нивна диспропорционална исклученост од процесот на имунизација може да придонесе недостапноста на информации за системите за регистрација за вакцинирање, непристапните места за имунизација, како и евентуално присутните стигматизирачки ставови од страна на здравствените работници.

-Народниот правобранител укажува на можноста лицата со попреченост да имаат недоверба во здравствениот систем поради претходните негативни искуства, дискриминација или третман кој го искусиле, па затоа вакцинацијата треба да се изврши само откако ќе се добие целосна и информирана согласност од лицето со попреченост. Притоа, лицата со попреченост не треба да се третираат поинаку од останатото население, доколку одбиваат да се вакцинираат, велат од канцеларијата на Народниот правонрабител.

Исто така, Народниот правобранител укажува дека Владата треба да осигура дека вакцинацијата против Ковид-19 ќе биде дистрибуирана правично, при што ниту една личност нема да биде заборавена. Во овој контекст Народниот правобранител препорачува вакцините против Ковид-19 треба да се достапни и бесплатни за сите, вклучително и за лица со попреченост (по нивен личен избор и со нивна претходно дадена информирана согласност), како и за лицата кои се грижат за нив, лицата со попреченост и лицата кои се грижат за нив треба да имаат приоритетен пристап до вакцините за Ковид-19, местата каде ќе се спроведува вакцинирањето да бидат физички пристапни и по потреба дополнително да се ангажираат стручни и други лица кои ќе обезбедат поддршка и помош.

Информациите за потребата, ефектите од вакцинирањето и начинот на кој истите може да се добијат, потенцираат од Канцеларијата на Народниот правобранител  да се пласираат преку информативни кампањи кои се инклузивни и во пристапни формати за лицата со попреченост, родово сензитивни и соодветни на возраста, при што секогаш кога е можно и потребно, да се вклучат организациите на лицата со попреченост за да се осигура дека пораките кои се упатуваат се јасни, инклузивни и достапни.

Оттаму бараат дигиталната апликација за искажување интерес за вакцинација на Министерството за здравство, да биде целосно пристапна и за лицата со попреченост, истовремено обезбедувајќи почитување на приватноста и доверливоста на информациите, а примањето вакцина против Ковид-19 задолжително да се заснова на информирана согласност на лицата со попреченост, со почитување на автономијата (правото на избор и самоодлучување дали ќе се вакцинира) и правната способност на сите лица со попреченост, вклучувајќи ги и лицата со интелектуална попреченост и лицата со психосоцијална попреченост без да се врши прунудно вакцинирање со оправдувања дека „се почитува јавно добро” или пак дека „ е во најдобар интерес на лицето”.

Согласно член 34 од Законот за Народниот правобранител, потенцираат оттаму, потребно е за преземените мерки по овие препораки Владата да достави известување до Народниот правобранител најдоцна во рок од 10 дена од приемот. (МИА)

Адвокатската комора поднесе барање за приоритет во постапката за вакцинација

Потпишан договорот за набавка на кинеските вакцини

Усвоен Националниот план за ковид-19 вакцинација

Ќе се менува Законот за јавните набавки во врска со набавката на вакцини за ковид-19

Дополнување на исклучоците од забраната за движење во врска со странските државјани

Секој граѓанин којшто ќе се најде на граница за време на полициски час мора да биде пропуштен за да стигне во својот дом

Донесена одлуката за забрана за движење од 22:00 до 5:00 часот

М.В