/ Прочитано:

793

Народниот правобранител бара поголема заштита на децата од насилство

Петок, 1 март 2013 – Народниот правобранител Иџет Мемети бара од надлежните институции брзо и ефективно да преземат мерки во врска со последните настани на територијата на Скопје, во кои жртви на тепање и малтретирање беа деца. 

Преку писмено соопштение Народниот правобранител бара од надлежните институции брзо и ефективно да преземат мерки за да се спречи насилството врз најмладата популациија. 

„По повод последните настани на територијата на градот Скопје, во кои жртви на тепање и малтретирање се деца, Народниот правобранител сериозно загрижен реагира до надлежните институции и бара од нив брзо и ефективно да преземат мерки за расветлување на сите случаи, со цел заштита на нападнатите и спречување на евентуалното проширување на оваа појава“, се вели во писменото соопштение од Канцеларијата на Народнот правобранител.

Од канцеларијата на правобранителот апелираат навремено да се спречи манифестирањето на нетрпеливост врз етничка основа. Исто така упаќаат апел до сите чинители во општеството да ја развијат свеста за одговорноста која ја носат и да работат на спречување на ваквите насилни настани. Според правобранителот општеството треба да постигне успешно воспитување на млада популација, која ќе ги вреднува и почитува различностите.

„Нападите врз младите, но и манифестирањето на нетрпеливост врз етничка основа,  одат во прилог на уште подлабоки делби што, пак, се погубни за нашето општество кое е мултиетничко и лесно ранливо, особено што сите сме свесни дека едно насилство предизвикува друго“, се наведува во соопштението.