/ Прочитано:

1.914

Народниот правобранител директно од затворите ќе го следи почитувањето на правото на протест

„Целта на директната вклученост на нашите тимови во затворите меѓу затворениците и надвор пред установите ќе биде да се види дали се почитува правото на протест и како ќе се одвива протестот. Нашите тимови се во постојан контакт и со осудените лица и со управата, по што ќе излеземе со извештај за текот на протестот“, велат од Народниот правобранител.

naroden-pravobranitel-idjet-memeti

Осудените лица од сите затвори во Република Македонија и нивните роднини денеска најавија дека преку протест ќе го изразат незадоволството поради тоа што сè уште немаат добиено одговор на нивното барање за намалување на казната упатено до Претседателот на Република Македонија.

Како што информираат од канцеларијата на Народниот правобранител, денеска на координативен состанок било одлучено тимови од скопската канцеларија и од шесте регионални канцеларии да го набљудуваат протестот на осудените и притворените лица директно во затворите.

„Целта на директната вклученост на нашите тимови во затворите меѓу затворениците и надвор пред установите ќе биде да се види дали се почитува правото на протест и како ќе се одвива протестот. Нашите тимови се во постојан контакт и со осудените лица и со управата, по што ќе излеземе со извештај за текот на протестот“, велат од Народниот правобранител.

Покрај Народниот правобранител, и Хелсиншкиот комитет упати поддршка за протестот на осудените лица и истакна дека тие сè уште немаат можност за посета на осудените лица во затворите и за независно информирање за состојбата во затворите.

„Со состојбата од 12 април 2016 година, вкупниот број на лица што се наоѓаат во некоја од тринаесетте затворски установи е 3 446. Од нив, 3 159 се осудени лица што издржуваат затворска казна, а 287 – притворени лица. Вкупниот капацитет за осудени лица е 2 026, што значи дека постои пренатрупаност од 156 %, односно во просек 156 лица престојуваат во просторни услови за 100 лица. Најалармантна е состојбата во Затворот Струмица, каде што има капацитет за 62 лица, а престојуваат 150 лица, односно пренатрупаноста изнесува 242 %. Пренатрупаност од 200 % има во Затворот Тетово, а над 170 % има во КПД Идризово и во затворите во Штип и Гевгелија. Според Управата за извршување на санкциите, бројот на осудени лица што издржуваат затворска казна од 2010 до 2016 година се зголемил за 46 %“, наведуваат од Комитетот во нивното соопштение.

Оттаму наведуваат дека пренатрупаноста во затворите ги прави условите за живот супстандардни, а лицата кои се обратиле до Хелсиншкиот комитет најчесто се жалат на несоодветната здравствена заштита, пренатрупаноста, неефикасноста на правната помош, неспроведување на програмите за ресоцијализација, непостоењето на образовни програми, нехигиената, немањето активности, неможноста да се помине подолго од 1 час на отворено, ограничена кореспонденција итн.

„Административниот и судскиот надзор мора да бидат зајакнати. Невладините организации и медиумите мора да бидат во можност слободно да ги посетуваат затворите и да известуваат за условите за живот во нив“, апелираат од Хелсиншки.

Близу 2 000 затвореници од машкото и од женското одделение на КПД „Идризово“, како и од штипскиот затвор, доставија потпишани списоци и заедничко барање до адвокатите Звонко Давидовиќ и Душко Јанковиќ, со кое бараат помилување од Претседателот на државата. Затворениците бараат казните да им бидат намалени за 30 отсто, а осудените на доживотен затвор да добијат казна од 15 години.

М. С.

ЗАТВОРЕНИЦИТЕ БАРААТ НАМАЛУВАЊЕ НА КАЗНИТЕ: „Ако има милост за политичката елита, нека има и за нас“