/ Прочитано:

1.081

НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ: Граѓаните најголема недоверба имаат во судството

Граѓаните најголема недоверба имаат во судската власт, се нотира во Годишниот извештај на Народниот правобранител, кој денеска беше презентиран од заменик-народниот правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа. Бројот на поднесени претставки од областа на правосудството во 2018 година е речиси двојно зголемен.

„Ова зголемување произлегува од околноста што во извештајната година заштита на своите уставни и законски права побараа повеќе од триста поранешни вработени во АД ‘Охис’ и во друштвата основани од негова страна. Останатиот број на претставки се однесуваат за работата на извршителите/нотарите, управните судови, јавното обвинителство, редовните судови и другите правосудни органи или лица со јавни овластувања“, се вели во извештајот на Народниот правобранител.

Како што посочи Бајрамовска-Мустафа, граѓаните во однос на правосудството најмногу се жалеле за траењето на постапките и за судските одлуки, за кои сметале дека се селективни и пристрасни.

Во областа на судството, Народниот правобранител констатирал неефикасност на правниот лек тужба за управен спор, како и пасивност и неефикасно преземање дејствија во предистражната и истражната постапка од страна на обвинителството. Бројни биле барањата од граѓаните за интервенции пред извршителите.

Граѓаните се жалеле и на нарушување на правата од работен однос. За околу 60% е зголемен бројот на претставки поднесени за овие права. Партиски реваншизам, мобинг, неисплата на плати,  дискриминација, незаконитост при вработувањето се само дел од состојбите констатирани од Народниот правобранител во областа на работните односи.

Голем е бројот и на претставки од областа на социјалната заштита, социјалната помош и работата на центрите за социјална работа. Голем проблем станува и бездомништвото.

Состојбата со правата на детето е алармантна. Насилствата, злоупотребите, зачестените абортуси и раѓања од страна на деца, неевидентирањето во матичните книги се одлика на состојбата со правата на децата. Постојат проблеми и со детските градинки  и непочитување на стандардите за бројност на групите.

Се нарушуваат и правата на пациентите. И оваа година, истакна Бајрамовска-Мустафа, продолжи праксата на приватните здравствени установи да им наплаќаат на пациентки парични средства за извршени прегледи и за лабораториски анализи во текот на бременоста, кои според Програмата за активна здравствена заштита на мајки се бесплатни.

Понатаму, во делот на имотните права, во Извештајот се нотира дека е голем проблемот со денационализацијата, со враќањето на одземените имоти и со процесот на приватизација на дворните места.

„Констатиравме дека наместо да водат сметка за правата кои им припаѓаат на граѓаните според законот, комисиите единствено водат грижа за јавниот интерес, честопати злоупотребувајќи ги незнаењето и неукоста на граѓаните“, подвлече Бајрамовска-Мустафа.

Проблеми има и во областа на урбанизмот и градењето и во постапките за легализација на бесправно изградените објекти. Граѓаните се жалеле и на работата на ЕВН, како и на јавните претпријатија чија дејност е снабдување со вода и подигање на сметот. Поплаки има и за операторите на топлинска енергија.

Во Извештајот на Народниот правобранител се истакнува дека останал нерешен проблемот на неплатениот данок „во посебна даночна постапка за испитување на имотот и имотната состојба од УЈП“. Станува збор за неосновано наплатени парични средства на оштетените граѓани, на кои, едноставно, никој орган не им ги враќа. Во таа насока, во извештајот се посочува и на инертноста на Градот Скопје.

Исто така, Народниот правобранител посочува и на проблемите присутни во казнените и воспитни установи, а кои се однесуваат на несоодветниот здравствен третман. Постојат нарушувања на правата и во делот на полициските овластувања.

„Бројот на претставки од областа на полициските овластувања бележи зголемување. Продолжува појавата на незаконско и непрофесионално однесување на одредени полициски службеници“, истакна Васка Бајрамовска-Мустафа, предупредувајќи за праксата на ЕСЧП која се однесува на полициското постапување и спроведувањето на објективни истраги.

„Генерална констатација карактеристична за сите области е неоправданото одложување на постапките и во многу случаи незаконито одлучување по барањата на граѓаните“, резимираше заменик-народниот правобранител.

М.В