/ Прочитано:

1.700

Народниот правобранител Иџет Мемети предложен за член на Советот на јавните обвинители

Собраниската Комисија за изборите и именувањата до Собранието поднесе предлози за нови членови на Советот на јавни обвинители. Предложени се народниот правобранител Иџет Мемети и адвокатот Љупчо Ивановски. Како што посочуваат од Комисијата, кандидатите се изгласани со мнозинство гласови.

Покрај народен правобранител, Иџет Мемети е и поранешен министер за правда и поранешен уставен судија. Мемети бил и државен советник во Владата, како и член на Државната изборна комисија.

Адвокатот Љупчо Ивановски бил заменик на општинскиот јавен обвинител во Скопје, а бил и заменик на народниот правобранител. Од 2006 до денес работи како адвокат. Повеќе за биографиите на кандидатите на следниот линк.

Според прописите, Советот на јавни обвинители е самостоен орган кој ја обезбедува и гарантира самостојноста на јавните обвинители во извршување на нивната функција. Тој со својата работа оневозможува какво било влијание во јавното обвинителство спротивно на закон. Советот има својство на правно лице, а седиштето на Советот е во Скопје. Советот е составен од 11 члена, од кои четворица членови на Советот ги избира Собранието на Република Северна Македонија од редот на универзитетски професори по право, адвокати и други истакнати правници, од кои двајца се припадници на заедниците кои не се мнозинство во државата.

Мандатот на избраните членови на Советот трае четири години со право на уште еден избор.

М.В