/ Прочитано:

1.984

Народниот правобранител како пријател на судот

Кога Народниот правобранител со цел заштита на човековите слободи и права дејствува како пријател на судот, во тоа својство учествува во сите фази на постапката, со право да биде информиран за закажаните судски рочишта, се пропишува во измените на Законот за Народен правобранител кои стапуваат во примена утре, на 7 април.

Со Законот за Народниот правобранител се уредуваат надлежноста, начинот на работа, како и условите за избор и разрешување на народниот правобранител.

Со цел промовирање на човековите права и слободи, Народниот правобранител ја следи состојбата на почитување на човековите права и укажува на потребата од нивна заштита, спроведува соодветни истражувања, организира едукативни активности, навремено и редовно ја информира јавноста, соработува со граѓанскиот сектор, меѓународните организации и академската јавност, како и дава иницијативи за усогласување на правната регулатива со меѓународните и регионалните стандарди за човековите права.

Промоцијата на човековите права, се пропишува во законските измени кои стапуваат во примена,  може да се спроведува преку јавниот радиодифузен сервис кој е должен при производството и обезбедувањето на радио и телевизиски програми да придонесува за почитување и промоција на основните човекови права и слободи, како и преку едукативно-промотивни настани, со цел јакнење на свеста кај граѓаните и вработените во органите на државната управа и локалната власт.

Народниот правобранител врши превенција од тортура и друг вид сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување преку спроведување на редовни и ненајавени посети на местата каде што лицата се или може да бидат лишени од слобода.

Народниот правобранител може до овластените предлагачи да дава иницијатива за измена и дополнување на закони и други подзаконски акти и нивно усогласување со меѓународни договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија, како и за, како што се пропишува во законските измени кои стапуваат во примена, ратификација на меѓународни договори и конвенции кои се однесуваат на прашањата за заштита и унапредување на човековите слободи и права.

Покрај тоа што Народниот правобранител може да поднесе предлог до Уставниот суд на Република Македонија за оценување на уставноста на законите и уставноста и законитоста на другите прописи или општи акти, Народниот правобранител, како што се пропишува во законските измени, во случаи на повреда на уставните и законските права на поголем број граѓани, малолетни лица и лица со попреченост, може да поднесе барање до Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието на Република Македонија за испитување на случаите и преземање мерки.

Народниот  правобранител, се вели во законските измени,  презема  дејствија  и  мерки  за  заштита  од  неоправдано  одолжување  на  судските  постапки, почитување на принципот за судење во разумен рок и несовесно и неодговорно вршење на работите на судските служби, не повредувајќи ги принципите на самостојност и независност на судската власт.

Заради заштита на човековите слободи и права кога странката или Народниот правобранител бара, судот му овозможува на Народниот правобранител да дејствува како пријател на судот (аmicus curiae).

Во законските измени кои стапуваат во примена, се вели дека кога Народниот правобранител со цел заштита на човековите слободи и права дејствува како пријател на судот во тоа својство:

– учествува во сите фази на постапката, со право да биде информиран за закажаните судски рочишта, да му биде овозможен увид во списи и активно да учествува во постапката, со право да бара и даде предлози и мислења
– судот ги зема предвид неговите барања и предлози, препораки или укажувања дадени до органите над кои надлежно постапува за постапките што се водени пред Народниот правобранител.

Во таа насока, се вели во законските измени, Народниот правобранител особено внимание посветува на заштитата на уставните и законските права на лицата лишени од слобода.

Со цел заштита на лицата лишени од слобода, Народниот правобранител може во секое време без најава и одобрение да изврши увид и да разговара со лицата сместени во овие места, без присуство на службени лица вработени во установата.

Во законските измени кои стапуваат во примена се доуредува и прашањето за Народниот правобранител – Национален превентивен механизам. Народниот правобранител – Национален превентивен механизам во вршењето на превeнцијата од тортура и друг вид сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување има надлежност редовно да го испитува постапувањето кон лицата лишени од слобода, да дава препораки на релевантните органи со цел подобрување на постапувањето и условите во местата на лишување од слобода, како и да предлага измени и дополнување на законски прописи.

Народниот правобранител – Национален превентивен механизам, за реализација на овие активности, врши редовни и последователни посети во местата каде што лицата се или можат да бидат лишени од слобода. Лишување од слобода значи која било форма на притвор или затворање, или задржување на лица во јавни или приватни капацитети во кои на лицето не му е дозволено своеволно да ги напушти, а по наредба на судски, административен или друг орган.

Народниот правобранител – Национален превентивен механизам има непречен пристап до сите места на лишување од слобода и нивните објекти, пристап до сите информации што се однесуваат на бројот на лица лишени од слобода, како и до бројот на места и нивни локации, пристап до сите информации кои се однесуваат на постапувањето со лицата, како и на условите за нивното лишување од слобода, како и можност за разговор без надзор на лицата лишени од слобода, лично или со преведувач, ако тоа се смета за неопходно. За спроведените посети Народниот правобранител – Национален превентивен механизам изготвува годишен извештај кој јавно го објавува.

М.В