Народниот правобранител – коректив на системот за истрага на кривични дела извршени од вработени во МВР
Владата го усвои Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Народниот правобранител, со што ќе се овозможи создавање посебно надворешно тело, како дополнителен коректив на системот за истрага на кривични дела извршени од страна на овластени службени лица при Министерството за внатрешни работи и припадници на затворската полиција.
Целта што треба да се постигне со измените, како што претходно образложија од Министерството за правда, е зајакнување на заштитата на човековите права во согласност со стандардите на Советот на Европа и со други меѓународни стандарди.
Посочените стандарди треба да се постигнат преку обезбедување поддршка и заштита на жртвата и нејзините интереси да се презентирани во сите постапки, преку ефикасна и транспарентна истрага при кривични дела и други незаконити постапувања извршени од страна на вработени во Министерството за внатрешни работи, при примена на полициски овластувања и од припадници на затворската полиција, како и иницирање ревизија на постапките пред специјализираното одделение во Јавното обвинителство, во случаи кога е потребно.
Народниот правобранител, како механизам за граѓанска контрола, акцентот го става на актуелни постапки/случаи иницирани по барање на странката жртва или семејството, по иницијатива на претставници на граѓанскиот сектор како надворешни членови, како и по сопствена иницијатива по добиени сознанија (допрен глас) за можни повреди на правата, во согласност со членовите 2 и 3 од Европската конвенција за човековите права.
М.В