/ Прочитано:

1.604

НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ: Не знам дали воопшто може да се каже дека во Македонија постои правото на приватност

Вторник, 10 февруари 2015 – За информациите дека се прислушувани голем број на граѓани, и во однос на тоа што беше јавно покажано, искажувам длабока загриженост и го осудувам ова грубо прекршување на човековите слободи и права без оглед дали се работи за јавни личности или други лица, вели Народниот правобранител Иџет Мемети, по вчера објавените аудио записи од прислушувани разговори, кои ги презентираше лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

„Оваа појава е застрашувачка и штети и на прислушкуаваните и на сите други граѓани во Македонија. Правото на приватност и семеен живот не случајно е едно од основните темелни вредности загарантирани во Уставот. Тоа може да се ограничи во исклучителни околности и во строго определена процедура. Не знам дали воопшто може да се каже дека во Македонија постои правото на приватност и правна сигурност на граѓаните“, истакнува Мемети и апелира до граѓаните, до инволвираните и институциите да не си играат, бидејќи се работи за сериозна појава.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев вчера на пресконференција обвини дека само во период од неколку години, се прислушувани над 20.000 граѓани. Посочувајќи дека зад таа операција стојат премиерот Никола Груевски и директорот на УБК, Сашо Мијалков,  тој најави кривични пријави против нив.

Обвинителството ги чека пријавите од СДСМ

„Кривичните пријави кои беа најавени од страна на претседателот на СДСМ, до овој момент не се доставени во надлежното Основно јавното обвинителство Скопје. Основното јавно обвинителство Скопје ќе ги почека најавените кривични пријави со материјалите , по што ќе постапува““, велат од прес-службата на Јавното обвинителство на Македонија.

Од Министерството за внатрешни работи, пак, не коментираат ништо повеќе од тоа што го кажале досега во врска со случајот „Пуч“.