/ Прочитано:

1.246

Народниот правобранител одржа предавање на Универзитетот „Американ колеџ Скопје“

Народниот правобранител Иџет Мемети одржа предавање како почесен гостин-предавач. Тој пред студентите од додипломски и постдипломски студии на Факултетот за правни науки говореше на темата „Новиот Закон за народниот правобранител и новите надлежности на институцијата“.

Предавањето го отвори доц. д-р Јелена Ристиќ, професор на Факултетот за правни науки при УАКС. Професорката Ристиќ во своето излагање го потенцираше значењето на Народниот правобранител во заштита на човековите права. За неговата ефикасност, нагласи професорката Ристиќ, најдобро говорат извештаите на Европската Унија, но и статистичките показатели кои укажуваат на голем број завршени предмети од страна на институцијата Народен правобранител, како мошне важна и специфична институција за граѓаните.

Во таа насока, на настанот беше истакнато дека значењето и специфичноста на институцијата Народен правобранител е токму во начинот на неговото дејствување кое се состои во давање предлози, совети, сугестии, соработка, подучување, умешност да се сослуша човекот и правовремено да дејствува во насока на остварување на правата на граѓаните.

„Институцијата Народен правобранител е  транспарентна, а  канцеларијата во секој момент е отворена и достапна за секој граѓанин на Република Македонија или секое друго лице“, истакна Народниот правобранител Иџет Мемети пред студентите во своето почетно излагање.

Тој појасни дека надлежност на Народниот правобранител е и преземање акции и мерки за заштита на принципот на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во државната администрација, во единиците на локалната самоуправа и во јавните институции и агенции. За Народниот правобранител, законските измени кои одат во насока на јакнење на институцијата се позитивни, но клучно е како позитивните измени да се имплементираат, особено од аспект на применливоста на препораките на Народниот правобранител од страна на државните институции.

Институцијата Народен правобранител, рече Мемети пред студентите, треба да дејствува од позиција на авторитет. Во Шведска, на пример, се случи укажување на тамошниот правобранител да предизвика оставка од страна на министер.

„Тоа говори за авторитетот на Народниот правобранител кој треба да биде омбудсман во духот на она што треба да претставува омбудсманот. Јавната критика од страна на омбудсманот треба да е многу силна, но тоа е прашање на свеста“, нагласи правобранителот.

„Кога првпат ги критикував судиите, една судијка ми рече – зошто ги критикуваш и коментираш судиите и нивните одлуки. Подоцна се покажа таа критика како позитивна. Критиките од омбудсманот треба да се сфаќаат позитивно и добронамерно бидејќи тие се за интерес на граѓаните“, рече Мемети.

Народниот правобранител рече дека во блиска иднина ќе се види како ќе профункционираат најновите законски измени. Ќе се види, рече Мемети, дали ќе успеат целите на законските измени.

„Но, треба да се знае дека за ефикасноста на Народниот правобранител не е важно само прашањето на законодавството, туку исто така е важно и прашањето за капацитетот на институцијата. Финансиската независност и кадровската екипираност кај Народниот правобранител останаа незавршени. Прибе тоа го констатира и во извештајот. Вработените кај Народниот правобранител не треба да бидат под капата на јавната администрација и во таа насока треба да се гледа прашањето за ефикасноста на институцијата“, рече Народниот правобранител.

Во своето предавање Мемети го нагласи и прашањето за креирањето на законите за кое образложи дека мора да биде внимателно и темелно. Имаме закони, рече Мемети, кои се непроодни. Дури и за да се создаде една норма, посочи Мемети, потребно е „дебело“ истражување. Како и за законодавството, така и за примената на препораките, потребни се консултација и соработка.

„Често и на претставниците на законодавната и извршната власт им ја предочувам важноста на соработката. Со некои институции можеш да комуницираш, со некои не можеш да оствариш комуникација. Тие работи мора да се променат првенствено за доброто на граѓаните и нивните човекови права“, заклучи Мемети.

М.В