/ Прочитано:

1.005

Народниот правобранител препорачува нов Закон за заштита од вознемирување на работното место

Потребни се итни законски измени

Министерството за труд и социјална политика потребно е веднаш да пристапи кон подготовка и донесување на нов и сеопфатен Закон за заштита од вознемирување на работното место, кој целосно и реално ќе овозможи заштита на работникот од која било форма на вознемирување, препорачува Народниот правобранител.

Најголем број од преставките до Народниот правобранител кои се однесуваат на дискриминацијата, се однесуваат токму на извршено вознемирување на работното место – мобинг. Според народниот правобранител, тоа произлегува пред сè поради неквалитетното законско решение кое го нуди референтниот закон и од тие причини потребни се итни законски измени.

Според податоците на правобранителот, од пристигнатите претставки за дискриминација и оние кои биле отворени по сопствена иницијатива, најголем дел, 22 претставки, се во областа работа и работни односи.

Во текот на 2021 година, до Народниот правобранител биле доставени 43 претставки, кои покрај за мобингот се однесуваат и на пристап до добра и услуги, за  правосудството и управата, за домувањето, за образованието, науката и спортот и  за социјалната сигурност и јавното информирање и медиуми.

Забраната во Законот за заштита од вознемирување на работното место

Инаку, со постојниот Закон за заштита од вознемирување на работното место забранет е кој било вид на вознемирување на работно место, како и злоупотреба на правата на вознемирување на работно место.

Целта на Законот е спречување и заштита од психичко и полово вознемирување на работното место, односно местото на работа и обезбедување на, како што се пропишува во законот, здрава работна средина.

„Забранет е кој било вид вознемирување на работното место, како и злоупотреба на правата на вознемирување на работното место“, се пропишува во законот.

Психичко вознемирување на работното место, во смисла на овој закон, е секое негативно однесување на поединец или на група што се повторува, континуирано и систематски. Тоа претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот и предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место.

Полово вознемирување, во смисла на овој закон, е секое вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер, кое има цел или претставува повреда на достоинството на кандидатот за вработување или на вработениот, а кое предизвикува чувство на страв или создава непријатност и пониженост.

Забраната и заштитата од вознемирување на работното место е регулирана и во Законот за работните односи, во кој се пропишува дека забранет е секаков вид психичко вознемирување на работното место.

Бројни повреди на правата од работен однос

Покрај вознемирувањето на работното место, како нарушување и загрозување на човековите и на работничките права, Народниот правобранител во Годишниот извештај констатира и бројни повреди на Законот за работните односи, односно на правата од работен однос.

Во таа насока, Народниот правобранител укажува дека најголемиот број претставки од областа на работните односи се однесуваат на постапките за правата од работен однос во јавната администрација, потоа постапките за вработување, исплата на плати и други надоместоци, поведени дисциплински постапки спрема вработени, постапки кај приватен субјект.

„Неосновано поведување на дисциплинска постапка, право на годишен одмор, распоредување на пониско работно место, непочитување на законските одредби при унапредување, се најчестите повреди на права на кои укажуваат вработените во јавната администрација“, констатира Народниот правобранител.