/ Прочитано:

1.019

Народниот правобранител: Сè уште не може да се каже дека тортурата е синоним за минатото

Одбележувањето на 26 јуни како Меѓународен ден за поддршка на жртвите на тортура има за цел да нè потсети сите нас на обврската за целосно искоренување на тортурата и ефективно имплементирање на Конвенцијата против тортура и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување, затоа што никој не заслужува нехуман третман, се вели во денешното соопштение на Народниот правобранител на Република Македонија.

„На овој ден ги повикуваме сите чинители во општеството, вклучително и меѓународните организации, граѓанското општество, но и сите поединци, да се обединат за поддршка на стотици илјади луѓе ширум светот, кои биле жртви на тортура и оние што сè уште подлежат на суров и нехуман третман“, стои во соопштението.

Во оваа прилика, Народниот правобранител истакнува и воедно потенцира дека тортурата во ниту еден случај не може да биде оправдана и истовремено потсетува на обврската на властите за преземање мерки за ефикасна истрага и спречување на какви било акти на тортура и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување.

Генералното собрание на Обединетите нации во 1948 година ја усвои Универзалната декларација за човекови права како прв документ којшто ја забранува тортурата. Сепак, и покрај фактот што од нејзиното усвојување до денес изминаа седум децении, сè уште не може да се каже дека тортурата е синоним за минатото. За жал, и понатаму има општества кои покажуваат толеранција кон оваа негативна општествена појава, а илјадници лица се јавуваат како жртви.

М.В