/ Прочитано:

3.717

Народниот правобранител со барање за автентично толкување за носењето шамија на работно место во училиште

Народниот правобранител во Собранието на РМ поднесе барање за автентично толкување на членот 11 од Законот за основното образование. Во членот 11, за кој Народниот правобранител бара автентично толкување се пропишува дека „во основното училиште се забранува политичко и верско организирање и дејствување, како и истакнување на партиски и верски обележја.“

Народниот правобранител посочува дека до него, како институција, била поднесена претставка од граѓанин, во која се истакнува дека на неговата сопруга, која била вработена како одделенска наставничка во второ одделение, од страна на директорката на училиштето ѝ било укажано на членот 11 од Законот за основното образование и на Кодексот на однесување и облекување на наставниот кадар.

За подносителот на претставката ваквото укажување претставувало дискриминација по верска основа. Исто така, наставничката вработена во училиштето смета дека носењето шамија на работното место не е верско организирање и дејствување, мислење кое го дели и Народниот правобранител.

Во врска со значењето на членот 11 од Законот за основното образование, Народниот правобранител побарал мислење од Министерството за образование и наука, кое пак посочило дека автентично толкување на законите дава Собранието на РМ.

Во материјалот за автентичното толкување доставен до пратениците има и мислење на Владата на РМ, која вели дека членот 11 е прецизен и јасен и му предлага на Собранието да не дава автентично толкување.

М.В