/ Прочитано:

1.323

НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ: Со одлуката на Уставниот суд слабее заштитата на децата

Омбудсманот изразува голема загриженост поради укинувањето на Законот, особено поради отворањето на можноста на Претседателот да помилува лица кои се гонат или кои се осудени за кривични дела против половата слобода и половиот морал сторени спрема деца и малолетни лица.

naroden-pravobranitel-idjet-memeti.jpg

Со одлуката на Уставниот суд за укинување на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување се уриваат сите досегашни реформи кои се направени на полето на превенција на слободите и правата на децата, наведува во својата реакција народниот правобранител Иџет Мемети.

Омбудсманот изразува голема загриженост поради укинувањето на Законот, особено поради отворањето на можноста на Претседателот да помилува лица кои се гонат или кои се осудени за кривични дела против половата слобода и половиот морал сторени спрема деца и малолетни лица.

„Сите досегашни реформи направени на полето на заштита на правата на децата, вклучувајќи го и регистарот на педофили, а кои имаа за цел востановување и функционирање на сеопфатен систем за ефективна заштита на децата од злоупотреби, со оваа одлука се доведуваат во прашање. Не случајно најдобриот интерес на детето е втемелен и е водечки во сите меѓународни и домашни акти за превенција и заштита на слободите и правата на децата.“, се вели во соопштението од Народниот правобранител.

Според Народниот правобранител, во случаите во кои се засегнати правата и интересите на детето, како категорија граѓани кои уживаат посебна заштита, особено поради возраста и неможноста самите да се заштитат во донесувањето на одлуките и при примената на законите, треба да се има предвид и фактот дека сторителите на дела со кои се злоупотребуваат децата, т.е. педофилите, според истражувањата, најчесто го повторуваат делото и затоа кон нив се применуваат построги казни.

„Народниот правобранител упатува апел, Претседателот на државата, во чија надлежност е помилувањето, со крајна внимателност да пристапи кон ова чувствително прашање, пред сѐ, водејќи се од општествениот интерес за почитување на најдобриот интерес на детето, како и за превенцијата и заштитата на идните поколенија“, стои во реакцијата.

Покрај тоа, Омбудсманот изразува загриженост поради одлуката на Уставниот суд со која, исто така, се овозможува помилување на лица сторители на кривични дела против изборите и гласањето.

„Со оглед на тоа што станува збор за фундаментално право кое треба да се остварува без притисоци, уцени и закани, санкционирањето на делата против изборите треба да оди во правец на јакнење, а не на слабеење на институциите и владеењето на правото. Само со остварување на избирачкото право на еднаков начин, на општи непосредни и слободни избори се добива неспорен и реален легитимитет“, порачува Народниот правобранител.