/ Прочитано:

1.150

НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ: Училиштето да биде место каде што се негува почитувањето на човековите права

Народниот правoбранитeл по повод новата учебна година ги повикува родителите и наставниците да им дадат поддршка и внимание на децата.

„По повод почетокот на новата учебна година на сите ученици, особено на оние кои за првпат седнуваат во училишните клупи им посакувам успешен почеток, со надеж дека училиштето ќе им биде место каде што со радост и задоволство ќе стекнуваат нови знаења и вештини, ќе другаруваат со соучениците, ќе соработуваат со наставниците/професорите и каде што ќе учат како да ги развиваат и негуваат соживотот, толеранцијата и почитувањето на човековите права. Сакам да потсетам на важноста на образованието во развојот на личноста на секој човек, во трасирање на патот до успехот, но и на обврската за обезбедување услови за непречено остварување на ова право за секое дете, со цел подготвување на детето за одговорен живот во слободно општество“, вели Правoбранителот.

Правната гаранција на правото на бесплатно и задолжително основно и средно образование, посочува Народниот правобранител, треба да се сфати многу пошироко од обезбедување на бесплатни учебници и бесплатен превоз за учениците.

„Потребно е многу повеќе со цел осигурување на ова право на детето на еднаква и рамноправна основа. Потребни се соодветни и современи училишта, пристапни и достапни училишни објекти, современо опремени училници, квалитетни наставни содржини, целосно екипирани стручни служби, наставен кадар кој се стреми кон почитување и остварување на правата на детето. Со еден збор, потребно е да се создадат сите услови со цел училиштето да биде место каде што секое дете ќе добие квалитетно образование, исхрана, каде што ќе се слушне неговиот глас во образовниот процес, преку негово активно учество во донесувањето одлуки и во планирањето на бесплатни слободни активности“, истакнува Народниот правобранител.

„Ги повикувам родителите, семејството, наставниците и сите други чинители да им дадат поддршка, грижа и внимание на децата, да покажат разбирање за нивните очекувања и прашања во врска со училишниот живот. Во овој контекст да поминат повеќе време во разговор со своите првачиња и да ги охрабрат за претстојните училишни предизвици. Истовремено, апелирам возачите да возат внимателно во близина на училиштата и со посебно внимание да се однесуваат кон најмладите учесници во сообраќајот.

Со надеж дека оваа година ќе биде поуспешна и повеќе ќе се почитуваат правата на децата во училиштето, на сите ученици им посакувам успех, а на директорите на училиштата и на наставниците остварување на целите на образованието преку поголемо доближување до детето, неговите права и потреби“, додава Народниот правобранител, Иџет Мемети.

М.В