/ Прочитано:

1.997

Нарушено здравје предизвикано од загадена животна средина може да се докаже во судска постапка

Животната средина е категоризирана како темелна вредност во Уставот на Република Македонија. Правните импликации од таквата уставна позиционираност на животната средина се рефлектираат низ низа законски прописи, за кои секогаш примарна функција е – заштитата на здравјето на граѓаните и животната средина воопшто. Логично се поставува прашањето низ кои засебни правни механизми се штити здравјето на граѓанинот, нормативно – превентивно, но и во рамки на судската заштита.

Судска постапка може да се поведе доколку одредено лице смета дека неговото здравје е нарушено од одреден чинител

За Народниот правобранител, неспорно е дека животната средина е еден од позначајните темелни вредности на општеството како социолошки така и априорно според неговата уставна нормираност.

„Се работи за уставно загарантирано право и во изминативе 16 години и по службена должност и по иницијатива на граѓани имаме интервенирано во ситуации за да се превземе нешто во таа насока. За разлика од други години оваа година не сме имале поединечна претставка во врска со загадувањето. Нашите активности за засновале на тоа да се интервенира во заштита на животната средина преку давања на насоки да се воведат неопходните еколошки стандарди на големите загадувачи, односно воведување на интегрирани еколошки дозволи“, велат од Канцеларијата на Народниот правобранител.

Постои судска пракса, искуството говори дека тешко е докажувањето

Според Народниот правобранител клучен проблем при поведување на овие постапки што се наметнал во праксата бил проблемот на докажувањето.

„Се разбира, уставно загарантираното право е основа и за законоско нормирање на заштита на животната средина во одделни законски прописи. Постои кривично дело, а секако одредено лице може да поведе и судска постапка доколку за надомест на штета доколку смета дека неговото здравје е нарушено од тие причини и од некој субјект-загадувач. Впрочем, и судската пракса говори дека вакви постапки постојат, каков што беше примерот со Велес. Меѓутоа, она што треба да се укаже дека овие постапки се деликатни во контекст на докажувањето, односно потребни се валидни докази кои ќе го поткрепат таквото тврдење“, потенцираат од Правобранителството.

Клиника за Пулмологија: Медицината може да докаже во конкретна постапка дали е нарушено здравјето на лице заради загадување на животната средина

pulmologijaСпоред Д-р Сава Пејковска, портпарол на Клиниката за пулмологија, може да се докаже тврдењето не одредено лице при поведување на судска постапка, преку соодветна медицинска анализа, се разбира, кога претходно постои основано сомневање за тоа. Ако е зголемен бројот на честички од загадувањето кај одреден пациент во тој случај со хемиска анализа би се констатирало дека неговото здравје е нарушено од тие причини.

За Д-р Пејковска не е воопшто спорно докажувањето во постапка, бидејќи медицината и вештачењето може да ги даде одговорите дали конкретно лица е со нарушено здравје или не заради одреден тип на загадувач.

„Меѓутоа, напоменувам дека обично тоа загадување се случува на колективно ниво, што значи дека би било загрозено здравјето на повеќе индивидуи. Конкретно оваа година, според нашите проценки, бројката на заболени лица од овој стадиум на годината не отскокнува од бројот со другите години. Минатата година имаше 311 лица, а оваа 308, што значи дека тенденцијата е таа“, акцентира пулмологот, укажувајќи на тенденциите на загаденост од компаративен аспект.

Адвокатот Владимир Бангиевски исто така е на мнение дека за нарушено здравје предизвикано од загадена животна средина може да се поведе судска постапка за надомест на штета.

„Но, за поведување на ваква постапка клучна е медицинската документација. Таа ја дава конструкцијата на докажувањето и смислата на поведувањето на постапката. Доколку одредено лице има нарушено здравје, а по медицински пат се докаже дека тоа нарушување е предизвикано од одреден загадувач кој му наштетил, секако дека тоа и во судската постапка би било релевантно и би се докажувало низ соодветна процедура“,  посочува адвокатот Бангиевски.


Автор: Милчо Велјаноски

Објавено: 23.12. 2013