/ Прочитано:

3.097

Насилството во раното детство има сериозни последици во натамошниот живот

„Децата што живееле во дисфункционални семејства, каде што семејното насилство било присутно, кои самите биле изложени на физичко насилство и на емоционална злоупотреба, кои биле запоставувани од страна на родителите, многу лесно може да бидат вовлечени во проблеми и да имаат сериозни пречки во својот натамошен раст и развој, како што се проблеми со учењето, лоша здравствена состојба, да бидат емоционално нестабилни, состојби што се во тесна корелација“, истакна претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс кој денеска одржа предавање на тема „Познато лице - Насилството во животот на децата и адолесцентите“.

На Филозофскиот факултет во Скопје денеска претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Бенџамин Перкс, одржа предавање на тема „Познато лице –  Насилството во животот на децата и адолесцентите“. Истражувањата и новите докази од областа на невронауката и психологијата кои ги презентираше Перкс покажуваат дека децата што биле изложени на насилство имаат сериозни тешкотии во образовниот процес, се соочуваат со проблеми во социјалниот и емоционалниот развој, а кај нив се констатирани и тешкотии во развојот на мозокот и физичкиот развој. Перкс во своето предавање истакна и дека децата што во текот на своето растење биле изложени на насилство имаат и поголема можност да бидат вовлечени во проблеми, криминал, како и да развијат зависности кон дроги и алкохол.

„Децата што живееле во дисфункционални семејства, каде што семејното насилство било присутно, кои самите биле изложени на физичко насилство и на емоционална злоупотреба, кои биле запоставувани од страна на родителите, многу лесно може да бидат вовлечени во проблеми и да имаат сериозни пречки во својот натамошен раст и развој, како што се проблеми со учењето, лоша здравствена состојба, да бидат емоционално нестабилни, состојби што се во тесна корелација“, истакна претставникот на УНИЦЕФ.

Истражувањето покажува и дека кај оние деца и адолесценти што биле жртви на висок степен на насилство, или пак на неколку видови насилство доаѓа до тешки последици во развојот на нивниот мозок. Ваквите состојби најчесто резултираат со сериозни проблеми во нивниот понатамошен живот, пред сè, посегнување по дрога и други зависности, криминал, а дури 50 проценти од нив би можеле да извршат самоубиство.

Статистиката покажува дека во нашава земја околу 50 отсто од децата се соочиле со насилство, додека во светот, пак, само една петтина од вкупниот број деца никогаш не се соочиле со некаков вид насилство, а две третини биле изложени на повеќе типови насилство.

За да се надмине ваквата состојба, според професорката Алма Тасевска од Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје, мора да постои функционален систем, како и работа со семејствата. Тасевска истакна дека приоритет мора да биде и градењето капацитети за рано препознавање на насилството кај децата, за да можат да се преземат неопходни мерки за негово намалување или спречување.

А. Б.