Насилството врз децата мора да биде окарактеризирано како најтешка форма на насилство
Денеска беше презентирана студијата „Превенција, идентификација, пријавување, упатување и заштита во случаи на насилство врз деца – Преглед на национални механизми за одговор“, подготвена од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, во партнерство со Канцеларијата на УНИЦЕФ и поддржана од Европската Унија во рамките на регионалниот проект за заштита на децата од насилство и инклузија на децата со попреченост.
Студијата ја презентираа
меѓународниот експерт Стивен Џејмс Минтон и националниот експерт
Елена Димушевска, кои го нагласија значењето на документот чија цел е да се намали насилството врз децата како негативна и опасна појава во општеството.
На денешниот настан министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, истакна дека насилството врз децата е една од најраспространетите форми на насилство. Присутно е и занемарување на децата, а со занемарување се соочуваат сите деца кои живеат и растат во институциите.
„Затоа, МТСП започнува со обемна реформа и деинституционализација. Целта е до 2020 година да нема ниту едно дете сместено во институција. Состојбата треба да се подобри и во градинките, каде што децата ги имаат првите чекори во социјализацијата. Токму затоа со Светската банка, со УНИЦЕФ и со Делегацијата на ЕУ во 2019 започнуваме голема програма која ќе значи создавање капацитет за повеќе деца да одат во градинка, но и подобрување на квалитетот со нови современи програми кои ќе ги пресретнат предизвиците на современото живеење“, рече Царовска.
Министерката нагласи дека треба да се работи да се подигне свеста кај родителите за штетните последици врз развојот на детето од ваквото родителство и да се стимулираат позитивни промени и дека насилството врз децата од рани години креира насилна општествена култура која се пренесува низ генерациите.
„Она што секој од нас го гледа секојдневно е насилство на детето во семејството на кое едноставно си молчиме сите ние. Јас милион пати сум била сведок кога родител ќе го потчукне, ќе го потскубне, ќе го потклоцне детето. Тоа се случува во трговски центри, на автобуски станици, тоа се случува во училиштата. И тоа не е екстремно насилство, ама е насилство што остава последици врз секое дете“, истакна Царовска.
Според министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, насилството врз децата и според тежината на можните многунасочни последици мора да биде окарактеризирано како убедливо најтешка форма на насилство.
„Секому од нас му е јасно дека во корпусот на човековите права и слободи, правата и заштитата на децата го имаат примарното место и секое општество е обврзано и должно преку своите институции таквото примарно значење практично да го демонстрира со квалитетен и крајно ефикасен систем на заштита на децата“, рече министерот Оливер Спасовски.
„Од 903 кривични дела на семејно насилство минатата година, во рамки на кои се евидентирани 976 жртви, покрај жените, кои се бројно најголем дел од вкупниот број жртви, евидентирани се и над деведесет деца жртви на семејно насилство. За жал, низ полициската практика среќаваме деца жртви и во областите на малолетничка деликвенција, во делот на трговијата со луѓе, трудовата експлоатација, па сè до дела од областа на сексуалната експлоатација. Независно што е крајно сложено работењето во такви случаи, полицијата мора максимално ефикасно да ги исполни таквите задачи. И ние тоа го правиме, бескомпромисно и доследно“, додаде Спасовски.
За превенцијата и опасностите од насилството врз децата на денешниот настан свои обраќања имаа и Венко Филипче, министер за здравство, Рената Дескоска, министерка за образование и наука, Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка на Делегацијата на Европската Унија и Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.
M.В