/ Прочитано:

1.044

Насоки за начинот на подготовка на МПИН-пресметка од страна на работодавач за лица на практикантска работа

Постапката и условите за остварување на практикантство, правата и обврските на практикантот и на работодавачот кај кој се реализира практикантската работа, договорот за практикантска работа и евиденцијата на практикантска работа се дефинирани во Законот за практикантство.

Работодавачот е обврзник за пресметка и уплата на следните придонеси по стапка од:

– 4% придонесот за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа или професионална болест;

– 0,5% дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување за случај на повреда на работа и професионално заболување.

„Оданочувањето на личниот доход на физичките лица кои се обврзници за плаќање на данок на личен доход, даночната основа за пресметување и даночната стапка се уредени во членовите 11, 15 став 1 точка 16 став 1 точка 14 и 17 од Законот за данокот на личен доход („Службен весник на РСМ“, бр. 241/2018), а рокот за плаќање е според Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

Во согласност со овој закон уредено е дека надоместоците за практикантска работа дефинирани во Законот за практикантство се сметаат за остварен доход од работа. Основа за пресметување на данокот на доход претставува износот на надоместокот за практикантска работа намален за придонесот врз основа на инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа или професионална болест и дополнителниот придонес за задолжително здравствено осигурување за случај на повреда на работа“, образложуваат од УЈП.

Начин на пополнување на МПИН-пресметката од страна на работодавач

За пресметување и плаќање на надоместокот за практикантска работа, потребно е да ја преземете новата верзија МПИН клиентски софтвер http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/81

Пополнувањето на МПИН-пресметката од страна на работодавач за лица на практикантска работа се поднесува на следниот начин:

„Во полето 1.3. вид на обврска се пополнува шифрата 399, додека во полето 1.4 вид на обврзник се пополнува шифра 110/111/112 во зависност од видот на обврзник правно лице или самовработено лице.

Износот на плата во вкупен износ треба да биде еднаков на износот за нето-плата, односно бруто еднакво на нето.

Се пресметува придонес за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа или професионална болест по стапка од 4%, (поле 3.15) и доплата на придонес до најниска основица (поле 3.16), дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување за случај на повреда на работа и професионално заболување по стапка од 0,5% (поле 3.42) и доплата на придонес за задолжително здравствено осигурување до најниска основица (поле 3.43) и данок на личен доход (поле 3.46).

Во поле 3.17 потребно е да се внесе шифрата за вид на стаж 2222 – лице практикант. Доколку практикантот не работи цел месец, во тој случај се пополнуваат календарски денови и часови во согласност со деновите и часовите поминати на практикантска работа, како и полињата 3.27 или 3.28 и полето 3.29 за означување на почетокот/престанокот на практикантската работа.

Доколку во месецот имате поднесена и исплатена МПИН-пресметка со вид на обврзник (110,111,112) и вид на обврска 399 и имате потреба од корекција на податоците во наведената пресметка, во тој случај исправката на податоците се врши со поднесување на пресметка со користење на шифра за вид на обврзник (110,111,112) и шифра за вид на обврска 393.

Со поднесување на пресметките, работодавачот ќе добие налог ПП53 за плаќање на придонесите и исплата на надоместок (нето) за работно ангажирање на лицата практиканти“, информираат од УЈП.

М.В