/ Прочитано:

2.383

Наставниците бараат подолг годишен одмор

Редефинирањето  на периодот на траење на годишниот одмор на наставниците е  меѓу низата барања во однос на зголемувањето на правата на овој кадар. Според министерката за образование и наука, Рената Тренеска-Дескoска, ова ќе се разгледува во пакет со сите други барања. Конечната одлука ќе биде донесена по низа анализи и консултации со сите засегнати страни, како и врз основа на компарација со странските искуства.

На најголем дел од наставниците годишниот одмор им почнува од половината на јули. До овој датум, тие се должни да доаѓаат на работа, а нивното присуство се евидентира според списоци на вработените. Наставничкиот кадар, преку Мултиетничкиот синдикат за образование, побара измена на актуелниот начин на регулирање на годишниот одмор, односно редефинирање на периодот на неговото траење. Како аргумент го посочуваат фактот дека тие по завршувањето  на учебната година имаат работни обврски само до 5 јули. Во тој период наставниците ги финализираат административните работи (пишување свидетелства, внесување оценки од свидетелствата во главната книга, подготвување одделенски програми за следната година…).

„По нивното завршување, овој кадар објективно нема работа, но сепак е должен секој ден да доаѓа на работното место. Треба да се даде можност преку дополнителни акти на Законот за работни односи наставниците да имаат   класичен начин на користење на годишниот одмор, како во периодот од пред 20-тина години“, вели претседателот на Мултиетничкиот синдикат Драги Јовановски. Според него, тогаш во законите за основно и за средно образование стоело дека годишниот одмор на наставниците почнува со завршување на учебната година. Подоцна овие ставови се избришани. Сега тој е регулиран со Законот за работни односи.

Според член 137, став 1 од овој закон, работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена. Можноста тој да биде продолжен до 26 работни дена е предвидена со ставот 2 од истиот член – годишниот одмор од ставот (1) на овој член со колективен договор или договор за вработување може да се продолжи до 26 работни дена.

Годишниот одмор на вработените во установите од областа на образованието и науката е дополнително определен и со членот 142 од истиот закон. Во него стои дека неговата должина и уредувањето се уредуваат со прописи. Ова во практика им дава можност на директорите, деканите и ректорите во одредени случаи да ги повикаат вработените да се вратат на работните места порано, во случај на потреба од извршување на  итни работни задачи.

Според Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, должината на годишниот одмор на вработените во овие области е утврдена и со колективните договори за основно и за средно образование.

„Наставниците што се наши членови имаат можност да добијат повеќе од утврдените 26 работни дена годишен одмор“, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Според него, овој договор, од една страна, ги утврдува правата и обврските на работодавачите, а од друга страна, правата и обврските на работниците претставувани од страна на СОНК.

Според член 19 од Колективниот договор, на работниците, по основа на времето поминато во работен однос, годишниот одмор им се зголемува:

– од 1-10 години се зголемува за 1 (еден) работен ден

– од 11-20 години се зголемува за 2 (два) работни дена

– над 20 години се зголемува за 3 (три) работни дена.

Траењето на годишниот одмор врз основа на старост и здравствена состојба може да биде и подолго од 26 работни дена и се зголемува за плус три работни дена  во следниве случаи: за работник-жена над 57 години старост и работник-маж над 59 години старост, за работник инвалид, за работник со најмалку 60% телесно оштетување и за работник кој негува и чува дете со телесен или душевен недостаток.

„Ова значи дека должината на годишниот одмор е веќе утврдена со Законот за работни односи и со Колективниот договор и сè додека тие се во сила не може да се бара ништо повеќе“, вели претседателот на СОНК.

Според него, она за што може да се разговара е оправданоста. Како пример го наведува фактот дека во периодот по завршување на училишната година реално имаат работа само одделенските, односно класните раководители (пишуваат извештаи, подготвуваат планови, заведуваат свидетелства), додека другите наставници немаат што да прават.

„Евентуалното ослободување од обврската да доаѓаат на работа оние што во тој период немаат работни обврски, од друга страна, би го повредил принципот на еднаквост. Како дилема би се поставило прашањето дали оние што имаат работни обврски се наградени или казнети“, вели Јакимовски. Оттука, според него, сосема друга работа е субјективната желба на нaставниците за подолг годишен одмор. Како неточно го оценува тврдењето  дека пред 20 години нивниот годишен одмор почнувал веднаш по завршувањето на училишната година и траел до први септември. „И тогаш имале работни обврски поради кои одморот не траел речиси 3 месеци“,вели Јакимовски.

Редефинирањето  на периодот на траење на годишниот одмор на наставниците е  меѓу низата барања во однос на зголемувањето на правата на овој кадар. Според министерката за образование и наука, Рената Тренеска-Дескoска, ова ќе се разгледува во пакет со сите други барања. Конечната одлука ќе биде донесена по низа анализи и консултации со сите засегнати страни, како и врз основа на компарација со странските искуства.

А. Б.