Наташа Габер-Дамјановска за љубовта кон правото: Привлечност на предизвикот да се изнајде адекватно правно решение
За почетоците на љубовта кон правото
„Верувам дека многу нешта во нашиот живот иницијално се восприемаат и се учат спонтано како резултат на околината што нѐ опкружува. Перцепцијата и навиката да бидам опкружена со литература, со луѓе кои имаат такво поле на интерес и со домашни разговори од областа на правото претставуваа плодна подлога за развиток на афинитет кон него. Впрочем, верувам дека тоа нормално се случува кај многу млади лица кои во своето домашно опкружување се изложени на информации од професионалната ориентација на своите родители. Љубовта дојде подоцна, при одвивање на аналитичко-креативниот дел кај истражувањата во институтот каде што работев, при осознавање на компаративните компоненти на правото, при продлабочувањето на сознанијата за вредностите, универзалните принципи, хуманата димензија и поимањето, како и примената на човековите права во судската пракса“, вели директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Наташа Габер-Дамјановска.
„Правото има бројни перспективи и меѓусебно испреплетени димензии кои во својата целина проткаено го обликуваат секое општество. Законските решенија секогаш извираат од определена општествена состојба и прилики, па затоа носат во себе длабока суштина затоа што ја имаат токму таа форма и уреденост. Желбата да се продре и да се сфати сето тоа раѓа љубов. Таа љубов ја претставува и привлечноста на предизвикот да се изнајде адекватно правно решение за некој општествен проблем, или пак конструктивното аналитичко толкување на некои законски одредби, онака како што Уставниот суд има надлежност да го прави тоа. Целта мора да е секогаш кон создавање на општествена вредност и полза“, истакнува Габер-Дамјановска.
Секој професионалец може да го пронајде својот афинитет и да ужива во правните води
На прашањето дали љубовта кон правото е важна за да се биде добар правник, Габер-Дамјановска нагласува дека кога некоја работа се прави со љубов, преовладува задоволството и не се чувствува напорот.
„Но поимот ‘добар правник’ може да има различни значења. Секој правник може да открива нова димензија на таа ‘љубов’: добар теоретичар, извонредно умешен практичар, истакнат процесуалист или кривичар, познавач на нови тематски области на правото итн. Секој професионалец може да го пронајде својот афинитет и да ужива во правните води на свој начин“, вели директорката на Академијата за судии и јавни обвинители.
Совети за идните генерации правници
Идните генерации правници, истакнува Габер-Дамјановска, потребно е да ги истражуваат бројните можности што ги нуди оваа област и да го пронајдат својот домен во кој се најуспешни.
„Потребно е да ја развиваат сопствената аналитичка и истражувачка умешност. Да се сочува сопствената посветеност, упорноста, интегритетот и принципиелноста. Динамичниот општествен развиток, глобализациските процеси и интернационализацијата на правото отвораат нови предизвици и можности за правосудна кариера. Новите трендови во правото засилено го газат парохијализмот, создавајќи нов свет, кој, од една страна, е сѐ поинтегриран во смисла на принципи и вредности, но од друга страна е сѐ посегментиран. Токму затоа верувам дека правото и во иднина ќе претставува област на голем интерес за младите луѓе“, истакнува професорката Габер-Дамјановска.
- „Од дете се бунтувам за правда“ – Маја Ристова, адвокат
- „Правниците отсекогаш биле носители на интелектуалните движења и промени“ – Иван Дургутов, магистер по право
- „Правото има метафизичка димензија која треба да се почувствува“ – Дарко Павловски, национален правен офицер во Мисијата на ОБСЕ во Скопје
- „Правото, а особено адвокатурата е креативна професија за оние кои го сакаат и го владеат правото“ – Кристијан Поленак, адвокат
- „Бидете правници со интегритет!“ – Александра Груевска-Дракулевски, професор и продекан за настава на „Јустинијан Први“
- Силјановска: Мојата љубов кон правото беше сократовска
- Уранија Пировска: „Љубовта кон правото е љубов кон правдата“
- „Никогаш не предавајте се затоа што промената почнува од вас самите“ – Дитурие Елези-Незири, судијка во Управниот суд
- „Сите знаења на правниците треба да бидат употребени за подобрување на правната држава“ – Андреј Божиновски, правен советник
- „Ако правото е љубов, адвокатурата е страст“ – Петро Јанура, адвокат
- „Без бескрајната љубов кон правото и кон адвокатурата невозможно е да се издржат сите притисоци“ – Петар Трајковски, адвокат
- „Љубовта кон правото нѐ прави истрајни дека правото ќе надвладее“ – Рамије Абдурахими-Цара, судијка во Управниот суд
- „Неуморно верувам во правото и правдата“ – Росица Ефтимовска, менаџер за правни обуки во Академик
- Интервју за љубовта кон правото со тимот адвокати од „Георги Димитров адвокати“
- Наташа Габер-Дамјановска за љубовта кон правото: Привлечност на предизвикот да се изнајде адекватно правно решение