Натпревар по симулирано судење по третпат се одржа на Правниот факултет при УГД
Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ и петте правни факултети, одржаа натревар по симулирано судење на кој покрај студентите беа присутни и судиите од Македонија, претставници на ОБСЕ и претставници на УГД.
На симулираното судење учествува студенти од Правниот факултет при УГД, од Правниот факултет „Јустинијан Први“, од Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“, од Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово, од Правниот факултет на Универзитетот на Југоисточна Европа.
„Домаќин е Правниот факултет во Штип и судницата на УГД, а имаме претставници од сите правни факултети во Македонија. Станува збор за вистински судски случаи кои се земени од Основниот суд во Скопје, од Одделот за организиран криминал. Студентите можат вака да покажат знаења кои ги научиле во текот на целата година, но воедно и да се стекнат со знаења и вештини од целиот судски процес. Оценувањето на студентите се одвива од страна на професионални судии од судовите во Република Македонија“, истакна проф. д-р Лазар Нанев, кој е координатор на овој проект.
На денешното сумулирано судење беа присутни огромен број студенти.Тие истакнаа дека денешниот настан е многу значаен за нив како идни правници. Преку симулираното судење, нагласија студентите, ги промовираме знаењата и ги развиваме говорните вештини.
„Исто како и претходната година и оваа година учествувавме на овој натпревар. Во тимот сме 10 студенти, а предметите ни се од организиран криминал и корупција. Во нашиот предмет станува збор за трговија и пуштање наркотични средства во промет“, истакна Иван Ангеловиќ од Универзитетот „Гоце Делчев“.
„Дојдовме на симулирано судење во Штип со предмет од кривично право. Нашиот предмет е врзан со изборна измама и Љубе Бошковски. Тимот ни е составен од 12 луѓе и воопшто не ни беше тешко да се подготвиме“, изјави Бесир Халили од Државниот универзитет во Тетово.
Студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“, нагласија дека симулираното судење има посебно едукативно значење за однесувањето во судницата и за комуникацијата со странките и со судиите. Од голема важност, исто така, е градењето на чувство за правно резонирање.
Во симулираните судења учествуваа само студенти, и според нивните зборови тие посветиле долго време заедно со своите ментори на подготовка на случаите кои се реални. На денешниот натпревар прво место освоија студентите од Правниот факултет при ДУТ.
Овој натпревар на симулирани судења е поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, а традиционално се организира секоја година на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
М.В