/ Прочитано:

2.411

Натпреварот  по симулирано судење е одлична можност студентите да се стекнат со правни вештини

На Правниот факултет при УГД се одржаа петтите по ред „Денови на симулирано судење“, поддржани од Амбасадата на САД, во чии рамки се одржа и натпреварот во симулација на предмет од кривичната материја.

Учество во натпреварот зедоа тимови од четирите државни правни факултети при УГД од Штип, при УКИМ од Скопје, при УКЛО од Битола и при ДУТ од Тетово.

Судечкиот совет на натпреварот беше составен од судијата Бетим Јахја, јавната обвинителка Фатиме Фетаи и адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска.

Целиот натпревар и сите четири симулации беа будно проследени од страна на Челси Шину, претставник на Амбасадата на САД во Скопје, која е правен советник.

Настанот го отвори модераторот и организатор проф. д-р Лазар Нанев, а воведно обраќање дадоа проф. д-р Олга Кошевалиска, деканка на Правниот факултет при УГД, проф. д-р Кирил Барбареев, лице за односи со јавноста при УГД, и Челси Шину, резидентен правен советник од Амбасадата на САД во Скопје.

По симулацијата на сите тимови, комисијата се повлече за да ги оцени.

Првото место за најдобра симулација го освои тимот на Правниот факултет при УГД. Студентите беа под менторство на проф. д-р Лазар Нанев, проф. д-р Олга Кошевалиска и доцент д-р Елена Максимова.

Второто место им припадна на студентите од Правниот факултет при ДУТ, под менторство на проф. д-р Арта Биљали-Зендели, проф. д-р Афет Мамути и проф. д-р Кебир Авзиу.

Третото место го освои тимот од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, под менторство на м-р Бојана Здравковска и м-р Кристина Петрова.

Награда за учество добија студентите од Правниот факултет при УКЛО, под менторство на проф. д-р Никола Тунтевски и асс. м-р Ивона Шушак.

Во тимот на УГД учество зедоа студентите: Елена Паризова (судија), Ангела Димеска (бранител), Мики Крстев (јавен обвинител),Тамара Петрушева (сведок), Стефан Ѓурков (вешто лице), Иван Димитров (обвинет), Јована Михаилова (сведок), Ивана Недева (сведок), Мила Наџакова (член на судски совет), Мартина Ташкова (вешто лице), Надица Трендафилова (член на судски совет) и Корнелија Шалева (записничар).

Ангела Димеска се здоби и со индивидуална награда за најдобар бранител на натпреварот.

„Нескромна и интензивна помош и поддршка во подготовките и реализација на натпреварот дадоа асистент Наташа Донева (Правен факултет УГД) и студентите Вероника Газепова и Давид Митровиќ. Натпреварот е одлична можност за студентите да се стекнат со правни вештини и познавање на процесното право уште во студентската фаза, како и за дружење и здобивање искуства и знаење од истакнати и реномирани експерти.

Благодарност до студентите и до сите инволвирани во настанот кој е единствен државен, традиционален натпревар во областа. Честитки до нашите студенти!“, велат од Правниот факултет при УГД.

(ФОТО) Симулирани судења се одржаа во судницата на Правниот факултет при УГД

М.В