/ Прочитано:

3.227

Национална конференција за фемициди – убиства на жени затоа што се жени

Денеска во организација на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство и со поддршка на УНДП,  се одржа конференција на тема „Фемициди – убиства на жени поради тоа што се жени“.

Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство во своето излагање посочи дека денешниот настан е прв настан посветен на фемицидот, кој подразбира убиство на жена затоа што е жена. Фемицидот е најтешка форма на насилство врз жени и може да биде директна последица на домашно насилство или интимно-партнерско насилство.

Македонскиот Кривичен законик, иако не ја препознава оваа форма на насилство дефинирана на овој начин, сепак со член 123, став 2, точка 2 предвидува потешка казна затвор од минимум 10 години доколку лишувањето од живот е сторено при вршење на семејно насилство.

Димушевска нагласи дека проблематичен е недостигот на статистички податоци за фемицидите, што претставува и голема пречка во идентификување на случаите на убиство на жени. Од Државниот завод за статистика има податок дека од 2008 до 2016 година има 70 убиени жени, но сега се извршува анализа колку од убиствата се фемициди. Жените жртви се на различна возраст. Податоците што ние ги имаме, подвлече Димушевска, се загрижувачки.

„Само во последните години се регистрирани 15 фемициди. Оваа статистика е заснована врз податоците и  известувањата на медиумите. Бројките на фемициди секако не се доволно истражени и тоа, всушност,  беше и идејата да се работи потемелно на ова прашање. Во тој контекст, ние започнавме со подготовка за анализа на фемицидите, која ќе има цел да се актуализира прашањето за фемицидите, да се отвори институционална расправа, а во насока на усогласување на законодавството со Истанбулската конвенција“, истакна Димушевска.

Според податоците, жените кои се жртви на фемициди претходно биле жртви на насилство, но и биле недоволно информирани за пријавување во соодветни институции.

„Тие што пријавиле во полиција или во Центарот за социјална работа, не добиле соодветна реакција, односно не се преземени соодветни мерки и жената била убиена. Повеќе од 90 проценти од убиствата се слуќуваат во домот или доколку сопружниците се разделени се случуваат во куќата на жртвата. Најнебезбедно место на жртвите, е нивниот дом“, рече Димушевска.

Во врска со дел од наодите на анализата, Димушевска нагласи дека загрижувачки е начинот на извршените фемициди, односно начинот на извршените убиства врз жени кои биле извршени свирепо и крвнички, а сторителот употребувал сила сè додека не ја постигнал својата цел.

Лујза Винтон, постојана координаторка на ОН и постојана претставничка на УНДП, истакна дека зад секое убиство има долга историја на луѓе кои знаеле нешто и порача дека е неопходно превентивно да се дејствува против семејното насилство и појавата на фемицидот, не само од законодавен, туку и од институционален аспект. Во таа насока, истакна Винтон, потребна е итна ратификација на Истанбулската конвенција.

Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство, популарно нарекувана Истанбулска конвенција, која Република Македонија ја има потпишано, е меѓународен документ со досега најсеопфатни законски решенија и политики за заштита од насилство врз жените.

Вирве Вимпари од Делегацијата на ЕУ во Македонија истакна дека Истанбулската конвенција е моќна алатка, но мора да биде многу повеќе отколку само во легислативата. Во таа насока, рече Вимпари, клучна улога имаат сервисите за поддршка и заштита на жртвите од семејно насилство и мора да се нуди правна заштита што е најажно за да се заштитат жртвите на семејно насилство.

„Во ЕУ третина од жените искусиле некакво физичко или сексуално насилство. Јас сум една од тие жени, но ја имав среќата да ја избегнам од таа ситуација и да се спасам. Не сите жени се толку среќни. Голем број на вакви дела остануваат непријавени“, рече Вимпари.

Во Македонија, истакна Светлана Цветковска од МСТП,  се обвинуваат жените дека самите се виновни за она што им се случило, дека тие го провоцирале насилникот и дека самите се виновни за последиците. Тоа, нагласи Цбетковска, мора да се смени и затоа една од стратешките определби на Владата на РМ и Министерството е преземање на одговорни мерки во насока на справување со насилството врз жените. Потребна е сеопфатна национална стратегија и политика која ќе значи справување со насилството.

„Министерството за труд и социјална политика има интензивни активности во насока на ратификација на Истанбулската конвенција. Се работи и на акциски план во кој ќе се предвидат конкретни мерки за реализирање на обврските од Истанбулската конвенција. Покрај исполнувањето на обврските, од исклучителна важност е прашањето за подигнување на јавната свест на кое, исто така, треба да му се даде акцент“, посочи Светлана Цветковска од Министерството за труд и социјална политика.

Силва Пешиќ, советник за човекови права од Канцеларијата на постојаниот координатор на Обединетите нации, истакна дека насилството врз жените е повреда на човековите права и овој феномен на семејно насилство нема право што не го засега. Семејното насилство и фемицидот ги загрозуваат правото на здравје и правото на живот, како основни човекови права.

„Насилството е повреда и на правото да не бидеш дискриминиран, а во меѓународното право постои апсолутна забрана на дискриминацијата. Сите темелни конвенции може да се применат на феноменот на семејното насилство. Најдиректниот инструмент од конвенциското право е Истанбулската конвенција“, рече Пешиќ, нагласувајќи дека од аспект на човековите права, фемицидот  подразбира и екстремна манифестација на насилството врз жена.

Шалва Веил, професорка на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим и позната истражувачка и гласноговорничка на темите насилство врз жени и убиство на жени – фемициди, истакна дека фемицидите треба да бидат третирани како социолошки факт, на кој е потребно да се посвети доволно внимание и да се надминат предизвиците во нивното истражување.

„Има различни типови фемицид бидејќи начинот на извршување на фемицидот е поврзан со културите, што говори за феноменот на фемицидот како социолошки факт. Сепак, феноменот на фемицидот е ретко истражуван во областа на социологијата. Моите истражувања се во насока на правењето на овој феномен видлив за општеството. Потребно е социолозите во своите истражувања да му дадат акцент на фемицидот како социолошки феномен, паралелно со истражувањето за фемицидот како кривично-правен феномен. Ако во минатото социолозите беа повикувани за правото на глас на жените, тогаш денес тие треба да бидат повикани за гласот на убиените жени, кои веќе не можат да проговорат“, посочи професорката.

На денешниот настан говореше и Билјана Чавковска претставник од Македонија и член на Мрежата за Фемициди во Европа (Femicide across Europe Network), која се оврна на активностите на Мрежата за фемициди, презентирајќи  дел од тековните проекти посветени на прашањето за  фемицидите.

М.В