/ Прочитано:

1.735

Националната федерација на агенции за вработување: Граѓаните да не плаќаат какви било провизии за работа во странство

Во соопштението на НФАПВ особено е потенцирано дека во согласност со член 22, став 1, точка 4 од Законот за работните односи и според Меѓународната конвенција 181 за приватните агенции за вработување, која Република Македонија ја има ратификувано, агенциите не смеат да наплаќаат никакви трошоци од кандидатите за вработување. Сите трошоци за вработување на лицата треба да се наплатат од компанијата/клиентот каде што ќе се вработат лицата.

Откако повеќе од 150 студенти од неколку градови во Македонија останаа измамени од страна на агенцијата „Венера Камаловски“, која им вети сезонско вработување во Германија, Националната федерација на агенции за вработување (НФАПВ) упати соопштение до граѓаните со кое апелира да бидат претпазливи кога носат одлука за заминување на работа во странство и да не прифаќаат плаќање на какви било провизии и трошоци за агенциите.

Во соопштението на НФАПВ особено е потенцирано дека во согласност со член 22, став 1, точка 4 од Законот за работните односи и според Меѓународната конвенција 181 за приватните агенции за вработување, која Република Македонија ја има ратификувано, агенциите не смеат да наплаќаат никакви трошоци од кандидатите за вработување. Сите трошоци за вработување на лицата треба да се наплатат од компанијата/клиентот каде што ќе се вработат лицата.

„Националната федерација на агенции за вработување (НФАПВ) се залага за заштита на правата на работниците и е тело кое има за цел да ги претставува агенциите, да лобира за подобрување на законската основа, да соработува со домашните и меѓународните институции, како и да ги јакне капацитетите на своите членови за развивање на пазарот на вработување. Според тоа, апелираме до сите заинтересирани кандидати, да не прифаќаат плаќање на било какви провизии и трошоци, пред или по заминување на работа во странство“,се вели во соопштението на Националната федерација на агенции за вработување.

Претседателот на НФАПВ, Норик Селими изјави дека сите активности на членовите на ова тело (АПВ „Мотиви“, АПВ „Партнер“, АПВ „Вработување Лизинг“, АПВ „Спид“, АПВ „Арбеит-Декра“, АПВ „Контакт Бизнис“, АПР ЕСИ, АПВ „Анторис“, АПВ „Реалност“, АПВ ЕСЦ, АПВ „Зета“, АПВ „Младинец“) се насочени кон заштита на правата на работниците и кон подобрување на законската регулатива од оваа област. 

Инаку, во текот на минатата недела, студентите што беа измамени изјавија дека агенцијата „Венера Камаловски“ им обезбедила сезонска работа во Германија во бутиците на „Зара” и во рестораните на „Бургер кинг”, но тоа никогаш не се случи, иако платиле за услугата.

Тие сега си ги бараат парите назад, околу 250 евра (првата од двете рати) кои ги дале за аплицирање и за документацијата која им била потребна за да добијат дозвола, со што ќе можат да работат во Германија.