Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство бара итна ратификација на Истанбулската конвенција
Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство објави соопштение со кое бара од институциите одговорно да постапуваат во случајот на убиство на жена во Битола.
„Врз основа на информација споделена на интернет порталите, на 13.3.2017 година, убиена е жена во Битола. Осомничен за убиството е сопругот на жртвата, а причината се претпоставува дека се претходно нарушените меѓусебни односи на брачните партнери. Според известувањето од Основното јавно обвинителство во Битола, инцидентот се случил во дневната соба од заедничкиот дом, каде што со повеќе удари со тапо тврди средства – дрвени сукала обвинетиот ја удирал по главата оштетената, нанесувајќи ѝ повеќе повреди, односно преку вршење на семејно насилство ја лишил од живот неговата сопруга“, велат од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство
Убиството на жена извршено во семејно насилство во меѓународните документи, истакнуваат од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, е класифицирано како фемицид.
Фемицид е најтешка форма на насилство врз жени и може да биде директна последица на домашно насилство или интимно-партнерско насилство. Терминот фемицид означува намерно убиство на жена затоа што е жена.
Во Република Македонија од 2013 до 2016 година се регистрирани 19 фемициди, убиства на жени од интимен партнер или машки член на семејството. Македонскиот Кривичен законик, иако не ја препознава оваа форма на насилство дефинирана на овој начин, сепак со член 123, став 2, точка 2 предвидува потешка казна затвор од минимум 10 години доколку лишувањето од живот е сторено при вршење на семејно насилство.
Како мрежа во која членуваат 27 организации, кои повеќе од 20 години работат на спречување и заштита од насилство врз жената, Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство бараат:
- Надлежните институции да преземат итни мерки за целосно разрешување на случајот и соодветно казнување на сторителот
- Надлежните институции да преземат мерки со кои ќе се истражи дали во минатото постоеле пријави за семејно насилство врз жртвата во полиција и во центар за социјална работа и доколку постојат пријави, да се утврди дали надлежните лица ги преземале сите мерки за справување со семејно насилство и заштита на здравјето и животот на жртвата
- Центарот за социјална работа во Битола да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на детето и обезбедување безбедна средина и континуирана психолошка поддршка, во насока на овозможување правилен понатамошен развој, а во согласност со Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, Законот за семејство и Законот за социјална заштита.
„Исто така, сметаме дека е време Република Македонија да посвети должно внимание на родово базираното насилство и да го криминализира насилството врз жената и системски да ги адресира сите посебни форми на насилство кои ја таргетираат жената поради нејзината биолошка и социолошка природа. Затоа како мрежа бараме итна ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и заштита од насилство врз жени и домашно насилство (Истанбулска конвенција) која ги третира низ повеќе одредби овие специјално насочени видови насилство кон жените и девојките. Ратификацијата на овој документ ќе доведе до соодветно регулирање на случаите на насилство врз жени и адекватно казнување на сторителите, а воедно ќе понуди и системско менување на институционалниот одговор кон сите видови насилство врз жената и семејно насилство“, нагласуваат од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.
M.В