Нацрт Акциски план за Отворено судство 2021 – 2023 година
Центарот за правни истражувања и анализи го објави Акцискиот план за Отворено судство, кој е дел од Националниот акциски план за Отворено владино партнерство на Република Северна Македонија за периодот 2021 – 2023 година.
„Акцискиот план претставува спектар на заложби и активности кои правосудниот сектор ќе ги преземе во наредните две години со цел да се зајакнат, да се продлабочат и да се прошират напорите за унапредување на транспарентноста и отвореноста на судовите и судските институции во РСМ.
Република Северна Македонија е дел од Отвореното владино партнерство од 2011 година и досега успешно усвои и спроведе четири акциски планови (2012, 2014, 2016 и 2018 година). Собранието на Република Северна Македонија се приклучи на Отвореното владино партнерство во 2018 година во рамките на Акцискиот план 2018 – 2020 година, додека почнувајќи од годинава, во петтиот Национален акциски план (2021 – 2023) се наоѓа и судството со свои конкретни заложби за подобрување на транспарентноста и отвореноста на судовите и враќање на довербата на јавноста во судските институции.
Првиот акциски план за Отворено судството беше развиен во широки дискусии и тркалезни маси помеѓу претседатели на судовите, судии и претставници на судската служба од сите судови во РСМ, претставници од Судскиот совет, Министерството за правда, Академијата за судии и јавни обвинители, претставници на граѓанското општество (мониторинг организации) и останати експерти во областа. Консултациите кои беа извршени во периодот јануари – март 2020 година вклучуваа и учество на националниот координатор за ОВП, Министерството за информатичко општество и администрација како носител на оваа активност. Идеите и потребите на институциите и граѓанскиот сектор, за кои темелно се дискутираше на тркалезните маси, беа трансформирани во форма на Првиот акциски план за Отворено судство.
Оттука, ги повикуваме сите засегнати страни, институции, невладини организации и заинтересирани граѓани да испратат свои предлози, препораки и коментари на нацрт Акцискиот план за Отворено судство 2021 – 2022 година.
Вашите коментари и предлози можете да ги доставите најдоцна до 20.7.2021 година (понеделник) на следната e-адреса: contact@cpia.mk“, соопштуваат од Центарот за правни истражувања и анализи.
Акцискиот план е достапен ТУКА.
M.В