/ Прочитано:

2.106

„Нацрт-стратегијата за безбедност и здравје при работа 2020“ – клучен документ за безбедноста и здравјето на работниците

„Стратегијата ќе биде клучен документ за безбедноста и здравјето при работа, бидејќи имаме итна потреба од побезбедни и похумани услови за работниците во Македонија. Освен тоа, задолжително мора да ги усогласиме нашите стандарди во согласност со европските“, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска на денешната презентација на „Нацрт-стратегијата за безбедност и здравје при работа 2020“.

„Нацрт-стратегијата за безбедност и здравје при работа 2020“ која денеска беше презентирана на тркалезна маса пред повеќе синдикати и здруженија предвидува зголемување на ингеренциите на институции во делот на информирање на работодавачите, заштита на здравјето на работниците, што од своја страна подразбира редовни контроли, како и формирање регистар којшто ќе се однесува на работници коишто се во посебен ризик.

Според министерката за труд и социјална работа, Мила Царовска, од особена важност е предложената „Нацрт-стратегија за безбедност и здравје при работа 2020“ детално да ја разгледаат претставниците на синдикатите, здруженијата, како и двете клучни институции, односно Државниот инспекторат за труд и Министерството за здравство.

„Стратегијата ќе биде клучен документ за безбедноста и здравјето при работа, бидејќи имаме итна потреба од побезбедни и похумани услови за работниците во Македонија. Освен тоа, задолжително мора да ги усогласиме нашите стандарди во согласност со европските, а тоа е целта кон која се стремиме. Во оваа стратегија предлозите коишто се нудат се соодветни и само со дополнителна дискусија ќе добиеме уште подобра стратегија и ќе ги преземеме обврските да работиме на нејзина имплементација. Се предлагаат повеќе модели во комуникацијата меѓу институциите и вклучување на работодавачите во креирањето на условите. Имаме и заштита на здравјето на работникот, односно контроли, вклучување во институциите и предвидуваме регистар којшто ќе се однесува на работници коишто се во посебен ризик“, нагласи министерката Царовска.

Таа потенцираше и дека голем број од работодавачите не се доволно информирани за законските последици од несоодветното спроведување на регулативата, но според неа, има и поставени услови кои се невозможни да се постигнат, а се користат како алка за злоупотреба на работодавачите.

На денешната презентација на предложената стратегија за безбедност и здравје при работа, Царовска го потенцираше фактот дека во оние области што се најкритични постои најголемо оптоварување на работниците и речиси и да нема никакво почитување на работничките права. Според неа, во дел од индустриските гранки, всушност, постои минимално почитување и спроведување на Законот за безбедност и здравје при работа, нагласувајќи дека Државниот инспекторат за труд досега многу слабо си ја вршел работата.

Токму затоа, како што нагласи Царовска, ги повикувам сите работници да пријавуваат и да бараат од институциите да реагираат кога има прекршување на работничките права.

Во изготвувањето на стратегијата, целосна поддршка ќе даде и Министерството за здравство, бидејќи како што изјави министерот Арбен Таравари, здравјето на работниците е основно елементарно право, а со оваа стратегија се унапредени одредени права и од аспект на здравството ќе направат сè што е потребно. Во однос на неговиот ресор во стратегијата, Таравари рече дека во нацрт-верзијата се истакнуваат одредени здравствени услуги коишто ќе се даваат на работниците.

Истовремено, пак, Македонското здружение за заштита при работа информира дека голем број од работниците не си ги знаат правата кога станува збор за заштита при работа. Милан Петкоски од ова здружение нагласи дека овој факт го потврдуваат истражувањата што ги спровеле и кои укажуваат на тоа дека голем дел од вработените не знаеле од каде да побараат информации кои се однесуваат на безбедноста и здравјето при работа на нивното работно место.

А. Б.