/ Прочитано:

1.928

Научна и стручна расправа на тема „Одговорност на судиите, казнена политика и пробација во светло на реформата на правосудството“

Во организација на Здружението на судиите на Република Македонија и Амбасадата на САД, денеска на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, ќе се одржи научна и стручна расправа на тема „Одговорност на судиите, казнена политика и пробација во светло на реформата на правосудството“. Научната расправа е активност во рамки на проектот „Зајакнување на улогата и независноста на судиите во Република Македонија“.

На научниот собир е најавено учество на американски и домашни практичари и експерти, кои имаат за цел да идентификуваат примери на добри практики, како и да ги дискутираат другите судски примери.

Учесниците на расправата ќе дебатираат на темите: „Кривична, граѓанска и дисциплинска одговорност на судиите во контекст на слободното судско одлучување: сегашна состојба, предизвици и реформа“, „Етаблирање на соодветни механизми за заштита од надворешни и внатрешни притисоци на судиите при одлучување во контекст на Стратегијата за реформа на правосудството“ и „Реформа на казнената политика на судовите во РМ: ревизија на улогата и надлежностите на Комисијата за воедначување на казнената политика/Нормативни и практични претпоставки во практичната примена на Законот за пробација“.

Финалните препораки од расправата, во вид на заклучоци, ќе бидат земени предвид за натамошни измени и дополнувања на законските решенија  кои се предмет на оваа расправа.

М.В