/ Прочитано:

1.573

Научна и стручна расправа за пристапот до правдата и реформите во судството, во организација на Здружението на судии

Денеска, во организација на Здружението на судии на Република Македонија и Амбасадата на Соединетите Американски Држави, започна научна и стручна расправа на тема „Пристап до правдата преку правни и судски реформи за подобрување на судството, казнената политика и пробацијата“, како активност во рамките на проектот „Зајакнување на улогата и независноста на судиите во Република Македонија“.

На научната расправа присуствуваат судии, универзитетски професори, претставници на правосудството и на граѓанскиот сектор, американски и домашни практичари и експерти, кои имаат за цел да идентификуваат примери на добри практики, како и да дискутираат за другите судски примери.

Предметот на научно-стручната расправа е насочен кон неколку примарни точки од реформата на правосудството и пристапот до правдата кои, како што беше нагласено на денешната расправа, се издвојуваат според својата сериозност и комплексност.

Во таа смисла, на расправата особено се елаборираат прашањата за реформите во делот на зајакнување на капацитетите на судството во согласност со Планот 3-6-9, како предуслов за обезбедување на судска независност;  реформата на кривичното законодавство и казнената политика на судовите, во светло на реформата на правосудството и зајакнување на транспарентноста на судовите и подобрување на односот судство – медиуми.

Во своето воведно обраќање д-р Џемали Саити, судија и претседател на Здружението на судии на Република Македонија, го истакна значењето на работилниците и расправите кои континуирано се реализираат од страна на Здружението на судии и со поддршка на Амбасадата на САД.

Заблагодарувајќи ѝ се на Амбасадата за поддршката, Саити нагласи дека проектите што се реализираат во насока на пристапот до правда и независноста на судиите даваат исклучителен придонес за реформите во судството.

Како што подвлече претседателот на Здружението на судии, во делот на реформските  процеси посебно се нагласува прашањето на инклузивниот пристап, транспарентноста и креирањето на системски решенија. Во одржувањето на стручните расправи, додаде Саити, постои диверзитет на излагачите, а  финалните препораки од расправата во вид на заклучоци понатаму се користат за натамошни измени и дополнувања на  законските решенија кои се  предмет расправите.

Саити го истакна и значењето од соработката на Здружението на судии со релевантните домашни и меѓународни институции од областа на правосудството, како и со научни и образовни установи. Тој ја нагласи и важноста на прашањето за транспарентноста и односите со медиумите, но и важноста од вклученоста на Здружението во градењето на поголема транспарентност. Транспарентноста, посочи Саити, придонесува кон  креирање на доверба во судството која треба да биде заснована на реални и мерливи критериуми за мерење на довербата во судството.

Здружението, подвлече Саити, е активно вклучено во подготовката на реформите. Всушност и целта на овие расправи е токму тоа. Но, додаде Саити, Здружението е активно вклучено и во подготовката на стратешките документи и планови за реформи на правосудството.

„Ние ја браниме нашата позиција колку можеме повеќе и од таа позиција ќе настапиме во иднина. Имаме активен пристап во сите комисии кои се формираа за реформите во правосудството. Во Стратегијата на неколку места се посочуваме како партнер на Владата. Наша вклученост мислам дека ќе резултира со добри решенија. Предлагаме полупрофесионален Судски совет, што би значело дека судиите истовремено би биле и членови на Советот и би ја работеле судиската функција. Исто така, едни од главните прашања што ги потегнуваме се во однос на позицијата и независноста на судиите и во однос на финансиската независност, посебно во поглед на платите на судиите, кои не смеат да бидат помали од платите на обвинителите“, истакна судијата Џемали Саити.

Судијата Рикардо Хинохоса, судија во окружниот суд на САД во Јужниот Дистрикт на Тексас, во однос на независноста на судиите, посочи дека клучно за независноста на судиите е да се има силна верба во професијата и самопочит. Судијата, рече Хинохоса, треба да биде надвор од политичките збиднувања, тоа е така и во САД.

„Ние веруваме цврсто во нашата независност. Наша законска и морална одговорност е да бидеме независни бидејќи првенствено тоа се очекувањата на самите граѓаните кои треба да имаат доверба во судиите. Сепак, ќе повторам дека независноста зависи од самите нас, судиите, и од тоа колку сме силни како индивидуи. За независноста на еден судија клучното прашање е колку е тој силна и етичка индивидуа, во тоа е суштината“, истакна Хинохоса.

Судијката Тања Милева, судија во Апелациониот суд Скопје, говорејќи за реформата за зајакнување на судството во согласност со Планот 3-6-9, како предуслов за обезбедување на судска независност, се осврна на Стратегијата за реформи на правосудството, во која се вели дека Стратегијата има неколку главни цели кои претставуваат единство и претпоставуваат фазно надминување на лоцираните слабости во правосудството, негово поставување на колосекот на европските и меѓународните стандарди и негово стабилно функционирање како главен столб на демократската правна држава.

М.В