/ Прочитано:

2.083

„Навивај без омраза“ – проект за искоренување на говорот на омраза за време на спортските натпревари

Главна карактеристика на една европска или западноориентирана држава и општество е почитта кон другиот навивач на демократски начин, не земајќи ја предвид етничката или верската припадност. Млади активисти, студенти и новинари, во рамки на проектот „Навивај без омраза“ спроведоа низа активности за искоренување на говорот на омраза на стадионите и во салите за време на спортските натпревари и фокусот го ставија на едукација на навивачките групи преку написи кои беа објавувани на социјалните мрежи, за кои велат дека имале огромно влијание врз креирањето на јавното мислење.

Говорот на омраза, карактеристичен за навивачките групи, најприсутен е на социјалните мрежи, поради што во иницијативата „Навивај без омраза“ сите активности кои се спроведуваа од септември 2016, па досега, имаа за цел да го спречат овој феномен, но и да го спречат и физичкото насилството меѓу навивачите и да се справат со овие појави. Млади активисти, студенти и новинари, кои ги спроведуваа активностите вклучени во проектот „Навивај без омраза“, за искоренување на говорот на омраза на стадионите и во салите за време на спортските натпревари, фокусот го ставија на едукација на навивачките групи преку написи кои беа објавувани на социјалните мрежи, за кои велат дека имале огромно влијание врз креирањето на јавното мислење.

„Сметаме дека со нашите написи успеавме да бидеме влијателни кај домашните навивачки групи и да ги едуцираме во однос на тоа што значи говорот на омраза и кои се законските мерки и казни за насилство на спортските натпревари. Ние мислиме дека нашата досегашна работа е успешно спроведена, но говорот на омраза треба во континуитет да се третира и да се спречи, особено на интернет“, вели Елион Јашари.

Според Европскиот суд за човекови права, не постои универзална дефиниција за говор на омраза. Но, според Европскиот суд, говор на омраза можат да претставуваат сите облици на изразување што шират, што распалуваат, што поттикнуваат или што оправдуваат расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или останати облици на омраза заснована врз нетолеранција, вклучувајќи и нетолерантност изразена во форма на агресивен национализам и етноцентризам, дискриминација или непријателство против малцинства, мигранти и лица со имигрантско потекло. Говорот на омраза е злоупотреба на слободата на изразување, што се состои во повреда на правата на другите.

Координаторката на оваа иницијатива, Адријана Селмани, истакна дека спречувањето на омразата и насилството меѓу навивачките групи е можно доколку и самите фудбалски клубови се ангажираат посериозно околу решавање на овој проблем.

„Апелираме до фудбалските клубови да организираат почести состаноци со управите на навивачките групи и со Фудбалската федерација на Македонија за да ги едуцираат навивачите, пред сè, да не практикуваат говор на омраза, а во случај на насилни инциденти да знаат како да се справат со нив. Видеоматеријалот што го подготвивме има за цел подигнување на свеста кај навивачките групи во врска со последиците кои можат да произлезат од насилството за време на спортските натпревари“, рече Селмани.

Таа, исто така, потенцираше дека е потребно Фудбалската федерација на Македонија да ја продолжи соработката со невладините организации со цел нивното заедничкото влијание да донесе конкретни и евидентни резултати во решавањето на проблемот со кој се соочува Македонија.

„Освен ова, институциите, како што е Министерството за внатрешни работи, играат голема улога и бараме да направат сè што е можно за целосно имплементирање на Законот за одржување на јавниот ред и мир додека трае еден фудбалски натпревар“, нагласи Селмани.

Младите што работеа на проектот „Навивај без омраза“ се убедени дека нивната петмесечна работа ќе даде позитивни резултати кај навивачките групи во Македонија и во сите спортови воопшто.

„Не треба да се заборави дека главна карактеристика на една европска или западноориентирана држава и општество е почитта кон другиот навивач на демократски начин, не земајќи ја предвид етничката или верската припадност бидејќи сите сме различни, а тоа нè прави да сме свои“, истакнуваат младите активисти што го спроведуваа проектот. 

А. Б.