/ Прочитано:

3.083

Навремено да се преземат мерки за заштита на посевите од поплави

Во заштитата од поплави голема е разликата помеѓу поројните и речните поплави. Кај пороите се врши уредување на целото сливно подрачје, при што се почнува од горните делови каде што целта е задржување на водата и продолжување на времето на истекување. Тоа се прави со пошумување и со разни други мерки (канали за пренасочување на водите, езерца за привремено задржување и сл.). Покрај ова, клучно е да се заштити сливот од ерозија бидејќи наносот многу придонесува за штетите од поројните поплави.

поплави

Федерацијата на фармери на Македонија апелира до надлежните институции во земјава, до земјоделците и воопшто до граѓаните, да ги преземат сите превентивни мерки за заштита на земјоделските површини од евентуални можни поплави по топењето на снегот. Во изминатите четири години, последователно од 2013 до 2016 година, Македонија се соочуваше со катастрофални последици во пролетниот и во летниот период како резултат на поплавите, а најсериозни штети, кои значеа и десетици милиони евра загуби за земјоделците, имаше во Скопскиот, во Тетовскиот, во Пелагонискиот и во Струмичкиот Регион.

Поплавувањето на огромни плодни површини е резултат и на големите пропусти при урбанистичкото планирање, неправилното управување со водите и неодржливите земјоделски практики, уништувањето на шумите, индустриското загадување и исфрлањето на токсичен отпад во области изложени на поплави.

Процените на штетите од поплавите, како што велат од Федерацијата на фармери, покажуваат дека тие се сè уште многу повисоки од трошоците за спроведувањето на превентивните мерки.

„Превентивните мерки за заштита од поплави, како што се: регулирањето на речните корита, изградбата на насипи, пошумувањето, чинат помалку во однос на санацијата на штетите што можат да настанат со поплавите поради топењето на снегот. Проблемот е во тоа што за превенција обично нема пари во Буџетот, а подоцна мора да се најдат пари за санација на штетите“, истакнуваат од Федерацијата на фармерите.

Марија Рашајковска од Регионалниот центар на фармери од Битола истакна дека од исклучителна важност за преземање превентивни активности за заштита од поплавите е подигнувањето на јавната свест на населението.

„Дрвокрадството мора да се запре бидејќи уништувањето на шумите во голема мера придонесува за поплавувањето на земјоделските површини. Фрлањето шут во каналите е долгогодишен проблем. Луѓето фрлаат сè и сешто, облека постелнина, градежен шут, бела техника. Тоа обично го прават навечер. Цели трактори истовараат во каналите за одводнување, па многу јасно е со какви сериозни проблеми се соочуваме напролет кога се топат снеговите или кога има обилни дождови. Токму од овие причини мора заеднички да дејствуваме, а одговорноста треба да биде еднакво распределена на локално, регионално и национално ниво“, потенцира Рашајковска.

Деканот на Земјоделскиот факултет, професор Драги Димитриевски, кој заедно со повеќе експерти е автор на брошурата „Практичен водич и мерки за санација на почвите во поплавени подрачја“, вели дека природни непогоди имало отсекогаш, но за намалување на последиците од поплавите треба да се дејствува превентивно. За таа цел, како што објасни, тим од професори и експерти ја изработија брошурата во која се наведени низа мерки за заштита од поплавите.

„Ние, како научна јавност, сме тука да укажеме на последиците од природните непогоди, поради што по поплавите пристапивме кон одредени анализи на почвите во поплавените региони за да предложиме мерки и активности за враќање на почвените капацитети во нормална состојба на производство. Се надевам дека ќе бидат преземени мерките за целосно ревитализирање на овие почви. Во заштитата од поплави голема е разликата помеѓу поројните и речните поплави. Кај пороите се врши уредување на целото сливно подрачје, при што се почнува од горните делови каде што целта е задржување на водата и продолжување на времето на истекување. Тоа се прави со пошумување и со разни други мерки (канали за пренасочување на водите, езерца за привремено задржување и сл.). Покрај ова, клучно е да се заштити сливот од ерозија бидејќи наносот многу придонесува за штетите од поројните поплави. За таа цел се битни противерозивните мерки на сливот и задржување на наносот во кањонскиот дел од поројот. Доколку отсуствуваат противерозивните мерки или доколку се недоволни, тогаш наносот обично доаѓа до подножјето на планината во рамничарскиот дел каде што обично го затрупува коритото со нанос, а и кај мостовите, со што доаѓа до разлевање на водата и поплавување на околното земјиште. Ако доаѓа релативно чиста вода, голема е веројатноста да не се излее од коритото, но ако е со значително количество на нанос, сигурно се излева. Законски уредување на поројните сливови е обврска на локалната самоуправа и на надлежното водостопанство, но тука треба да се вклучат и ЈП „Македонски шуми“ (поради активностите на сливот) и локалното население, објаснува професор Димитриевски.

Една од најважните превентивни мерки за заштита на земјоделското земјиште е и осигурувањето на имотот, поради што Федерацијата на фармери на Македонија ги повикува земјоделците да ги искористат и субвенциите што ги дава Владата од 60 проценти за осигурување на посевите од штети предизвикани од град, мраз и поплави.

А. Б.