/ Прочитано:

673

НБ: Солиден годишен раст на депозитите и вкупните кредити

„На 15 септември 2020 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка (КОМП), на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

По намалувањето на каматната стапка на благајничките записи во три наврати од почетокот на годината, на оваа седница беше одлучено таа да се задржи на нивото од 1,5%. Намалувањето на основната каматна стапка до тековното ниво, како и досегашното позначајно намалување на понудениот износ на благајнички записи, придонесе за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. Со оглед на веќе извршеното олабавување на монетарната политика, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови. Истовремено, на седницата беше оценето дека ослободената ликвидност од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка во април и мај е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.

Најновите макроекономски показатели покажуваат пад на бруто домашниот производ во вториот квартал од 12,7%, што во целост е во согласност со проекцијата на Народната банка според која очекуваното намалување изнесуваше 12%. По минималниот раст на економијата во првиот квартал од само 0,2%, во вториот квартал, економијата очекувано забележа досега најдлабок годишен пад, одразувајќи ги ефектите предизвикани од пандемијата на ковид-19. Тековно расположливите високофреквентни податоци за третиот квартал од 2020 година, упатуваат на поумерени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност. Ова е видливо преку забавувањето на годишните стапки на пад на индустријата и трговијата во јули, додека на месечна основа се забележува раст и во двата сектора.

Просечната годишна стапка на инфлација и натаму се одржува на релативно ниско и стабилно ниво, и за првите осум месеци од годината изнесува 0,8%, за што главно придонесуваат повисоките цени на храната. Во однос на проекцијата, ваквите остварувања се над очекувањата за 0% стапка на инфлација во 2020 година. Во вакви услови, како и при различни насоки на ревизија кај увозните цени и нивна голема променливост посебно изразена во услови на глобалната пандемија, неизвесноста околу остварувањето на проекцијата на инфлацијата за 2020 година е зголемена.

Девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурна зона. Во периодот јули-август главни фактори кои делуваа врз промената на девизните резерви се редовните отплати на обврските на јавниот сектор кон странство и интервенциите на Народната банка на девизниот пазар. Расположливите податоци од надворешниот сектор за третото тримесечје од годината се главно ограничени. Податоците од надворешнотрговската статистика со јули упатуваат на можност за остварување на повисок трговски дефицит од очекуваниот за овој период, но периодот на оцена е многу кус за донесување поконкретни заклучоци. Податоците за билансот на плаќања за второто тримесечје посочуваат на помал дефицит во тековната сметка, како и повисоки нето-приливи во финансиската сметка, во однос на проектираните за вториот квартал.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за август покажуваат нивен натамошен солиден годишен раст, кој е повисок во однос на проекцијата за третиот квартал од годината.

Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидносната позиција на банкарскиот систем во домашна валута се задржа на релативно солидно ниво, при што банките повремено тргуваа краткорочни денарски ликвидни средства на пазарите на пари. Показателите за домашните финансиски пазари, за август посочуваат и на умерено подобрени движења на девизниот пазар, со оглед на натамошниот сезонски ефект на повисоката понуда на девизи од физичките лица на менувачкиот и девизниот пазар, но и умерено пониската потреба за девизи на корпоративниот сектор. Овие движења, проследени со подобрената девизна ликвидност на банкарскиот систем, придонесоа за најниски (21,5 милиони евра) месечни интервенции и поретко присуство на Народната банка со продажба на девизи на банките поддржувачи на девизниот пазар, од почетокот на кризата наваму. Постабилните  трендови на девизниот пазар продолжуваат и на почетокот на септември, кога банките на нето-основа откупуваат девизи од економските субјекти, а Народната банка нема интервенции.

Во услови на засилени очекувања за пронаоѓање вакцина за ковид-19 и за постепено закрепнување на глобалната економија, на меѓународните финансиски пазари во август беше забележан оптимизам, проследен со пораст на цените на акциите и други високоприносни финансиски инструменти. Истовремено, инвеститорите имаа послаб интерес за побезбедни финансиски инструменти, што доведе до пад на цените на државните обврзници издадени од државите во еврозоната и од САД, коишто сепак беа умерени и ограничени во услови на натамошна примена на експанзивните монетарни политики на централните банки.

Резимирано, на седницата на Комитетот беше заклучено дека последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата на Народната банка, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Неизвесноста и ризиците од идните макроекономски ефекти од пандемијата предизвикана од Ковид-19 и натаму се присутни, како во глобални рамки, така и во рамки на домашната економија. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција преку приспособување на монетарната политика, доколку тоа е потребно“, соопштуваат од Народната банка.

 М.В