/ Прочитано:

1.183

НБРМ за влијанието на состојбите во Турција врз глобалната и домашната економија

Неповолните движења во турската економија изразени преку голема и нагла депрецијација  на турската лира во изминатите денови на август се смета дека се резултат на повеќе фактори, велат од НБРМ.

Во услови на позитивни согледувања за растот на американската економија, се забележува пренасочување на ликвидноста во глобални рамки кон оваа економија, при што пренасочувањето особено е изразено кај брзорастечките економии кои, впрочем, во изминатиов период имаа и позначајни приливи.

„Ова особено е случај кај брзорастечките економии кои меѓународните инвеститори ги перципираат како економии со одредени ранливости, како што е турската економија. Дополнителни фактори се ескалацијата на  политички односи помеѓу Турција и САД, како и зголемените царински давачки од страна на САД за алуминиум и челик увезени од Турција“, истакнуваат од НБРМ.

Во вакви услови, на 13 август 2018 година, споредно со состојбата на 31 јули 2018 година, турската лира изгубила 27% од својата вредност, при што само во еден ден (на 10 август) бил остварен пад од околу 19% во однос на претходниот ден.

Значајно е, нагласуваат од НБРМ, да се наведе дека веќе на 13 август Централната банка на Турција реагирала со намалување на задолжителната резерва во домашна и странска валута со цел обезбедување повисока ликвидност на банките заради полесно справување со овој шок. На 14 август се забележани првите знаци на смирување на притисоците врз турската лира, при што стапката на депрецијација е намалена на 21%, а на 15 август на 15% во однос на крајот на јули.

Турската економија, како голема економија со висока вклученост на меѓународните финансиски пазари и флуктуирачки девизен курс, и претходно се соочувала со промени на девизниот курс, што следствено се јавува како еден од факторите за релативно повисока стапка на инфлација. Имено, во периодот 2011 – 2016 година Турција во просек имала инфлација од околу 8%, во 2017 година 11%, а во јуни 2018 година инфлацијата достигнала 15%.

„Општо земено, во последните години може да се каже дека макроекономските остварувања на турската економија беа под влијание и на неекономски фактори (политичка нестабилност, геополитички ризици). Притисоци во насока на депрецијација на турската лира беа забележани и во текот на вториот квартал на 2018 година, во услови на јакнење на американскиот долар и капитални одливи, како и солидна потрошувачка (годишниот раст на БДП во првиот квартал на 2018 година изнесувал 7,4%). Во насока на сузбивање на притисоците врз лирата и врз инфлацијата, Централната банка на Турција ја зголемила каматната стапка на кредитите за ликвидност на банките од 12,75% на 13,5% во април, на 16,5% во мај и на 20,75% во јуни. Исто така, во мај и јуни 2018 година Централната банка ја зголемила и основната каматна стапка на репо-аукциите од 8% на 16,5% и на 17,75%, соодветно, по што следувало стабилизирање на лирата. Очигледно, бранот притисоци врз турската лира во август доаѓа во еден сложен макроекономски контекст, што дополнително доведува до неизвесност и силна реакција на пазарите“, образложуваат од НБРМ.

Анализата на податоците за трговската поврзаност на македонската и турската економија покажува дека во 2016 – 2017 година извозот во Турција во просек сочинувал околу 1,5% од вкупниот извоз. Увозот на стоки од Турција е поголем и сочинува околу 5% од вкупниот македонски увоз во 2016 – 2017 година. На страна на извозот, преовладуваат железото и челикот и текстилот и облеката, додека од Турција најмногу се увезуваат текстил и облека, опрема и машини, пластични маси, храна и пијалаци.

Во првата половина од 2018 година извозот кон Турција е зголемен за 14%, а увозот за 10% споредено со истиот период од претходната година. Со оглед на релативно ниското учество на извозот кон Турција во вкупниот извоз, не би се очекувале значајни ефекти врз домашните економски движења.

На крајот на 2016 година, Турција учествува со 5,3% во вкупната состојба на странски директни инвестиции во Македонија. Доколку се задржи неповолната состојба во Турција, ваквата состојба би можела да се одрази на идните капитални приливи од оваа земја. Нема портфолио-инвестиции од Турција. Корпоративниот сектор има нето финансиски долг кон турски резиденти во износ од 0,6% од БДП (со состојба март, 2018 година).

„Од банкарскиот сектор, една банка е во доминантна сопственост на турски акционер, која сепак во најголем дел се финансира на домашниот пазар и не зависи од финансирање од матичната банка. Директна изложеност на домашните банки кон турската лира речиси и да не постои, а побарувањата на банкарскиот сектор од нерезиденти од Турција се минимални (0,1% од вкупната кредитна изложеност). Воедно, кај банката со турски капитал постои и релативно слаба изложеност и кон домашни компании со странски капитал од Турција. Следствено, се оценува висока отпорност на банкарскиот систем на движењата во Турција.

Во рамки на целокупната економска поврзаност на македонската со турската економија би можел да се спомне и туризмот, со оглед на зголемениот број туристи од оваа земја во последниве години (во 2017 година пораст на просечниот месечен број на турските туристи за 22% споредено со просекот во 2016 година, при истовремен раст во однос на просекот во 2011 година за трипати). Сепак, со оглед на тоа дека туристичката сезона е во полн ек и аранжманите веројатно се веќе направени, не би требало да се очекуваат значителни неповолни ефекти  во оваа област, особено имајќи ги предвид поповолните цени споредено со западните економии“, велат од НБРМ.

Сето ова упатува на мала можност за евентуални позначајни негативни преносни ефекти во македонската економија. Во услови на оценети слаби директни ефекти, она што е поважно е дали случувањата во Турција ќе имаат преносни ефекти врз европската економија, која е нашиот најзначаен трговски партнер, преку што и ние индиректно би можеле да бидеме погодени.

Засега, додаваат од НБРМ,  согледувањата на глобалната стручна јавност се дека потресите во турската економија од почетокот на август не би се одразиле значајно врз глобалната економија, која општо земено бележи нагорно движење. Истовремено, се оценува дека турската состојба би имала минорни ефекти врз економијата на ЕУ, со оглед на релативно слабата изложеност на европските компании и банки кон турските партнери.  Оттаму, можноста за позначајни преносни ефекти врз македонската економија засега се оценува како лимитирана, иако неопходно е будно следење на состојбите во турската економија.

М.В