/ Прочитано:

3.436

„Не сме надлежни да креираме нови правни ситуации“ – Уставниот суд за иницијативите во врска со мандатот на градоначалниците

Уставните судии едногласно одлучиja да не поведуваат постапка за иницијативите за укинување на одредби од Законот за локалната самоуправа и од Изборниот законик.

Со иницијативите што се однесуваат на мандатот на градоначалниците, се бараше оценка на уставноста и законитоста на член 35, став 1 и на член 49 од Законот за локалната самоуправа, член 16, став 1 и член 16, став 1 во делот „во првата половина во мај“ од Изборниот законик. До Уставниот суд, иницијативи за продолжување на мандатот на градоначалниците и советниците поднесоа Министерството за локална самоуправа, Министерството за правда и Светскиот македонски конгрес.

Уставниот суд, беше истакнато на денешната седница, не е надлежен да одлучува за правни ситуации  кои се во исклучива надлежност на законодавецот, односно на Собранието. Со иницијативите, подвлече уставната судијка Елена Гошева, се бара Уставниот суд да креира нова правна ситуација што е во надлежност на Собранието. Уставниот суд ја цени содржината на одредбите, а не тоа што го нема.

„Неоспорно е дека постои правна празнина, бидејќи не се предвидени механизми што да се прави кога локалните избори не можат да се одржат во законските рокови. Неприфатливо е во Законот да не е утврден механизам како да се постапи во случај да не можат да се распишат избори, со што би дошло до закочување на работата на локалната самоуправа“, истакна Гошева.

Според Уставот, Уставниот суд ги има следните видови надлежност: контрола на уставноста и законитоста, заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, решавање на судир на надлежност, одлучување за одговорноста на претседателот на Републиката и други надлежности.

Заедницата на единици на локалната самоуправа вчера апелираше Собранието на РМ, итно и без одлагање, а најдоцна до петок оваа недела, да изнајде решение за мандатите на градоначалниците и општинските совети.

„Во спротивно, со прекинување на мандатот на 15 мај, локалната самоуправа нема да може да ги извршува своите законски обврски и клучни надлежности“, истакнаа од ЗЕЛС. Мандатот на градоначалниците и советниците истекува на 15 мај. Во иницијативите се бараше Уставниот суд да интервенира, со што ќе им се овозможеше на градоначалниците да останат на функцијата сѐ до одржувањето на локалните избори.

Надлежноста на Уставниот суд според Уставот на Република Македонија

М.В